ОБРАЗОВАНИЕ, БИЗНИС ИЛИ ДОСЕЛУВАЊЕ: Koи се причините поради кои турските државјани бараат македонско државјанство?
Турците во земјава велат дека нивните сонародници кои имаат потекло од Македонија, а живеат во Турција, сакаат да земат и македонско државјанство, со цел да им се олесни патот доколку планираат отворање на бизнис, образование, но и полесно да патуваат во странство без визи. Додаваат дека тие луѓе заминале од земјава пред неколку децении, а дел тука имаат и роднини.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, 10.500 турски граѓани побарале македонско држајаванство во изминативе четири години.
„Повеќето сакаат да земат македонски државјанства за отворање бизнис. Има лица што се доселиле од Турција, но лично не ги познавам. Во Скопје се доселени“, вели Турчинка од Чаир.
Зголемувањето на барањата за македонско државјанство, според МВР се должи на измените на Законот за државјанство во 2021 година.
„Некои од нив овдека имаат роднини, можеби имаат имоти и сакаат да поседуваат двојно државјанство. Лично јас имам роднини во Турција и не знам, можеби би сакале да земат државјанство. Заминале пред неколку децении. Дури и во Истанбул во Капали чаршија има луѓе што знаат да зборуваат на македонски јазик, затоа што потеклото им е од овде. Во Ресен имаме Сарај на Нијази бег. За патниците со турските пасоши повеќе земји бараат визи. Има и турски бизниси овде. И за образование може да им биде од полза доколку имаат македонско државјанство. Не сум чула некој од Турција да дојде да живее во Ресен, но доаѓаат да го видат градот, да прошетаат, едноставно ги „влече“ родниот крај“, вели Билсер Мефаил, Турчинка од Ресен.
Турските државјани во македонските институции треба да докажат дека се иселеници од земјава.
„Најголем дел сакаат да добијат македонско државјанство поради безвизниот режим, со нашите пасоши ќе патуваат послободно. За грчка и бугарска виза тие плаќаат. За школување има многу млади од Турција кои се дојдени во Штип. Тие што сакаат да отворат бизнис, некои поволности има во зоните и ќе видат дали нешто им одговара да вложуваат пари. Главната причина за земање македонско државјанство сепак е полесно патување. Знам еден Турчин што се доселил да живее во Штип и еден во Пехчево, но си одат по неколку пати годишно во Турција, а потеклото им е од тука. Тие и во Турција пеат македонски песни, ги учат и внуците да знаат по нешто македонски“, објаснува Ѓорѓи Џабирски од Здружението за македонско – турско пријателство од Делчево.
Според законот, иселеникот и неговиот потомок од прво колено, може да се стекнат со македонско државјанство без при тоа тие да живеат во земјава, без да знаат доволно македонскиот јазик и без отпуст од претходното државјанство, правило што важи за странците.
Повеќе од четири илјади фирми во земјава се основани со турски капитал според податоците на Македонско-турската стопанска комора МАТТО за 2024 година. Според пописот од 2021 година, во Македонија 3.98 отсто од населението се изјаснуваат како Турци.
Сања Атанасовска