Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОБНОВЛИВИТЕ ИЗВОРИ СÈ ПОСИЛНИ: Сончевата енергија првпат ја надмина ТЕ-ТО во производство на струја

ОБНОВЛИВИТЕ ИЗВОРИ СÈ ПОСИЛНИ: Сончевата енергија првпат ја надмина ТЕ-ТО во производство на струја

Македонија во 2025 година произвела 6.123 GWh електрична енергија, што е само 6 GWh помалку во споредба со 2024 година, кога домашното производство изнесувало 6.129 GWh. Според податоците во Годишниот извештај на Регулаторна комисија за енергетика, најниско производство во последната деценија било регистрирано во 2020 година со 5.128 GWh, додека рекордно производство имало во 2023 година со 6.553 GWh. Во споредба со 2016 година, производството во 2025 година е повисоко за 15,46 отсто.

Најголем производител и натаму останува државната компанија АД ЕСМ Скопје, која учествува со 52,97 проценти во вкупното производство на електрична енергија и со 53,39 отсто во вкупниот инсталиран капацитет. 

Но, проблематично е што производството на ЕСМ во 2025 година изнесувало 3.243 GWh, што е најниско ниво во последните десет години и претставува пад од 9,24 отсто во однос на 2024 година, односно 24,58 проценти во споредба со 2016 година.

Во структурата на домашното производство најголемо учество и натаму имаат термоелектроцентралите со 35,39%, по што следуваат хидроелектроцентралите со 21,57%, фотонапонските електроцентрали со 19,28% и комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија со 18,23%.

Извештајот покажува значајна промена во енергетскиот микс, бидејќи за првпат производството на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали го надминало производството од комбинираните постројки како ТЕ-ТО. Најголем раст е регистриран кај ветерните електроцентрали, каде производството е повисоко за 32,57%, додека кај фотонапонските централи има раст од 27,77% во однос на 2024 година.

Особено е впечатлив долгорочниот раст кај сончевата енергија. Ако се спореди со 2016 година, производството од фотонапонски електроцентрали е зголемено речиси 50 пати.

Во 2025 година пад бележат и хидроелектроцентралите на ЕСМ, каде производството изнесувало 932 GWh, што е за 12% помалку од претходната година. Производството во термоелектроцентралите исто така е намалено и достигнало 2.167 GWh, што е пад од 8% на годишно ниво.

РЕК Битола, како најголем производствен капацитет, во 2025 година произвел 2.042 GWh струја, што е за 5,63% помалку во споредба со 2024 година. Кај ТЕЦ Осломеј производството паднало за 35% и изнесувало 125 GWh.

Во извештајот како главни причини за долгорочниот пад на производството од термоелектраните се наведуваат честите дефекти, намалените количества квалитетен јаглен, староста на капацитетите и обврските за усогласување со европските политики за чиста енергија и намалување на употребата на фосилни горива.

ТЕЦ Неготино, која повторно беше активирана во декември 2021 година и работеше до април 2023 година, во 2024 и 2025 година не произвела електрична енергија.

Во меѓувреме, продолжува експанзијата на обновливите извори. Вкупниот инсталиран капацитет на електроцентралите во земјава во 2025 година достигнал 3.162,5 MW, што е за 178,6 MW повеќе од претходната година. Најголем дел од новите капацитети се фотонапонски централи со дополнителни 115,10 MW.

Обновливите извори на енергија сега доминираат во вкупниот инсталиран капацитет со учество од 58,22%, што е раст од 2,5% во споредба со 2024 година.

Во вкупното производство на електрична енергија во 2025 година, обновливите извори учествуваат со 46,37%, додека термоелектроцентралите и комбинираните постројки имаат удел од 53,63%, што покажува постепено приближување кон позелена структура на домашниот енергетски систем.

П.О.

Слично

Поврзани вести