Економија, финансии, бизнис

Контакт

Обландата „Џеј ди Венс“ во Минхен

Обландата „Џеј ди Венс“ во Минхен

Минхенската конференција за безбедност заврши. Клучен настан, како и што се очекуваше, беше излагањето на државниот секретар на САД, Марко Рубио. Особено по минатогодишниот настап на американскиот потпретседател, Џеј ди Венс. Неговиот дух лебдеше и годинава, иако не доведе до плачење некои од учесниците, како што тоа го направи потпретседателот лани. Плачење на Европејците, пред се’.

Лани Џеј ди Венс ним им одржа лекција во која ја спомна попустливоста кон нелегалната миграција, политичките притисоци врз десните партии, гушење на слободата на изразување и бегање од христијанските вредности. Па затоа, овој пат, учесниците на конференцијата од Европа со нетрпение чекаа да го слушнат Рубио. Се’ се одигра во американски стил. Добриот и лошиот. А суштината на искажаното беше иста. Рубио, на оние што дојдоа да го слушнат, им ја понуди обландата „Џеј ди Венс“. И овие ја проголтаа, спокојно, па дури имаше и овации. Тоа е големината на дипломатот. Да ја каже вистината, ама  да не доведе до состојба на плач. Небаре ги искажувал мислите на слушателите. Се доби впечаток дека овој пат тие останаа спокојни, иако после излагањето имаше и нервозни реакции. Пред се’ од засегнатите од ЕУ.

Што се им кажа Рубио? Накратко. Ги спомна климатските промени. Посредно критикувајќи ја „чистата енергија“. „Која ги осиромашува нашите народи“, додека конкурентите ги користат фосилните горива и се друга да поддршка на нивните економии, но и притисок. Ја спомна и миграцијата  која „е закана за сплотеноста на нашите општества и континуитетот на нашата култура и иднината на нашите народи“(!). Која не е маргинална тема без сериозни последици. Ја спомна и западната цивилизација. „Векови на заедничка историја, христијанска вера, култура, наследство, јазик, потекло..“ Ја спомна и деиндустријализацијата која не била неизбежна. А создала зависност од други во задоволувањето на сопствените потреби и опасна ранливост од кризите. Затоа е потребна реиндустријализација, во нов сојуз, чија работа не треба да се сосредоточи  само на воената сфера. Рубио кажа дека сакаат сојузници кои можат да ги заштитат САД. Но, сојузници кои се способни да се заштитат и себе си...Тој кажа дека со Доналд Трамп, американскиот претседател, САД одново ќе си ја преземат задачата за обнова како минатото на западната цивилизација. Тој очекува се’ да се направи заедно со Европа, затоа што тие „си припаѓаат еден на друг“. САД сакаат силна Европа. Дека Американците секогаш ќе бидат „дете на Европа“. И не раскинување, туку оживување на старото пријателство и обнова на најголемата цивилизација во историјата на човештвото. Па одново христијанството.  САД, според Рубио, сакаат обновен сојуз со Европа, кој не е парализиран од стравот од војни, страв од технологии, страв од климатските промени, туку сојуз кој смело ќе се стреми кон иднината.

ПОТРЕБИ ЗА ПРОМЕНИ

Многу инспиративно излагање на Рубио. Кажа се’ што имаше на ум. И доби аплаузи кога зборуваше за  тоа дека се дел од иста цивилизација – западната. Дека Американците секогаш ќе бидат дете на Европа...Но не ги заборави и критиките, поточно потребите од промени. За миграциите, за климатските промени, за христијанството, цивилизациите, да можат сами да се одбранат...Сето тоа кажано не директно, но разбирливо дека треба да се следат САД во тие промени. Во спротивно патиштата ќе им се разидат. Речиси истите работи од Џеј ди Венс, ама во многу поблага и поприфатлива форма.

Критиките од страна на Рубио, или попрецизно, потребите за промени на Европа, според американски терк, предизвикуваа реакции. Па така првиот дипломат на ЕУ, Каја Калас.со доза на иронија одговори на искажувањата на Рубио. На еден од панелите Калас, ја прашаа, кој треба да се спасува и како таа ги толкува зборовите на Рубио? Таа смета дека неговите пораки биле и за Европа, но и до американските избирачи. „Секогаш кога слушам критика на Европа, а тоа сега е модерно, јас мислам, каква е алтернативата и навистина, го имам предвид најдоброто што сме го добиле од Европа...Затоа што ние претставуваме вредности, кои како и досега се високи“, рече таа. Неа и е тешко да верува во  обвинувањата на адреса на ЕУ. „Знаете, јас сум родум од земја(Естонија) која е на второ место во рејтингот на слободата на медиумите и слушам критика за слобода на медиумите од земја(САД), која е на 58-то место во тој список, тоа е интересно“, со иронија се искажа Калас. Инаку, Рубио не сака да ја види Калас. Досега тие двајца не се сретнале ниту еднаш, иако Калас најавуваше можни средби. Па дури можно патување во Вашингтон. Не се сретнаа ниту сега во Минхен.

Односот кон излагањето на Рубио и воопшто кон САД ја подели Европа. Британија, првиот човек на НАТО, Марк Руте, Италија некои други имаат однос кон Доналд Трамп, на пример, како да се помали партнери. Франција, нордиските и балтичките земји, Шпанија, имаат друг однос. А тој само сака да „зема“. Од сите. Смета дека доволно е што е најголем партиципант во НАТО, па сите мора да се поведуваат според тој факт. Дека се вечни должници на САД. Ним, силна Европа и не им е потребна. А, обединета Европа би имала друг приод кон САД. Ќе мора да се чуе и нејзиниот глас. Можеби затоа Трамп игра поединечни игри, а не симултанки со Европа. Рубио ги игнорираше колегите од ЕУ, но затоа замина во Словачка и Унгарија. Така Европа може да се држи поранлива. Затоа таа сега е исправена пред предизвикот дали да се согласи да биде американски вазал, што како барање Американците го демантираат, со сите манифестации од таквата улога. Постепено опаѓачка економија,  демонтирање на социјалните држави, благодарејќи и на зголемувањето на воените трошоци, кои пак ќе ги збогатуваат САД или да се спротивстават на таквиот американски курс.

ОРУЖЈЕ ЗА УКРАИНА

Дека САД многу не ја есапат Европа покажуваат и преговорите околу војната во Украина. Европа, не цела, и во Минхен и пред тоа заговара продолжување на војната. Веројатно уште три до четири години. Да се соземе и да биде подготвена за војна со Русија. Вршителот на должноста претседател на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер, вчера го одржа својот завршен говор. Тој зборуваше за меѓународниот систем што се распаѓа и за европската одбрана. Прашањето за зголемување на одбранбеното производството во ЕУ „води кон Украина“, рече тој. Ишингер изрази увереност дека Западот може да направи повеќе за да изврши притисок врз Русија, со тоа што ќе ѝ даде на Украина оружје што ѝ е потребно, ќе ги заостри санкциите против Русија и нејзината „флота во сенка“ за да ги зголеми трошоците за војната за Русија. Нашите судбини се испреплетени. Добро е ако го прифатиме тоа. И сакам да додадам дека прашањето како ќе заврши оваа војна е егзистенцијално за Европа. Одговорот на него ќе ја одреди иднината на овој континент“, додаде Ишингер.

Наспроти ваквиот однос на некои од Европа, САД продолжуваат со посредувањето во мировните преговори меѓу Русија и Украина. Во своето излагање во Минхен Рубио не ја спомна Украина, но таа лебдеше во воздухот. По состанокот со министрите за надворешни работи на Г7 на маргините на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари, Рубио увери дека Соединетите Држави ќе продолжат со преговорите за завршување на војната во Украина. Преговорите, новата рунда, ќе се одржат во Женева утре и другиден. Ќе се разговара за енергетско примирје.

Излагањето на Рубио во Минхен во поблага, завиена форма, потврди дека односите меѓу Европа и САД се напрегнати. И доколку и не дојде до нивно раскинување, тие нема да бидат како досега.

Збор два и за нашите кои од Скопје отпатуваа во Минхен. Ги немаше да настапат како дел од ниту еден панелили друг организиран настан. Барем јас не видов во десетиците настани што беа пренесувани во живо. Тоа зборува за нив, но и за Македонија како извор на кадри со меѓународно политичко реноме. Радмила Шекеринска е една од ретките.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Слично

Поврзани вести