Објавена биографијата на заменик-министерот Филип Николоски: Има препорака од Хари Костов, контролирал 450 милиони евра
Во предлог за именување на заменици-министри во Владата, доставен до Собранието, објавена е и биографијата на Филип Николоски, заменик-министерот за финансии, кој доаѓа на местото на актуелниот премиер Димитар Ковачевски.
По вокација е независен финансиски аналитичар и инвестиционен советник. Од 2009 до 2017 бил член на Управниот одбор и втор генерален директор на КБ Прво пензиско друштво.
„Управување на два отворени пензиски фондови (почнувајќи од 80 милиони евра кои пораснаа до околу 450 милиони евра)“, стои во биографијата.
Од 2002 до 2009 бил ангажиран во Комерцијална банка како финансиски аналитичар и шеф во службата за инвестициско банкарство. Од 2001 до 2002 бил маркетинг агент за продажба на Аутомобиле СК.
Во процедура е неговата магистратура по економија, а од јазици зборува англиски и италијански. Покрај македонскиот како мајчин јазик, многу добро го зборувал и влашкиот.
Поседува пет меѓународни сертификати за управување и има препорака од Хари Костов, главниот извршен директор на Комерцијална банка.
