Објавен тендерот за гасно поврзување со Србија
Операторот на македонскиот преносен гасоводен систем НОМАГАС го објавил тендерот за избор на проектант и на изведувач на интерконективниот гасовод кон Србија, објави Нова Македонија. Инвестицијата, со вкупна вредност од околу 29,6 милиони евра само за делот поврзан во Македонија, се обезбедува од сопствени средства.
-Со изборот на проектант и изведувач, се навлегува во фазата во која проектот преминува од политичка и техничка подготвеност кон реална инженерска и градежна имплементација – велат од НОМАГАС.
Интерконекторот со Србија е проектиран како двонасочна врска за транспорт на природен гас, со капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно. Tрасата треба да ги поврзе системите преку Клечовце и Врање, со околу 23 километри на територијата на Македонија и со изградба на главна мерна станица на македонска страна.
Гасоводот кон Србија ќе се поврзе со делницата кон Грција, долга 68 километри, со која нашата земја остварува пристап до ЛНГ терминалите во Александруполи и јужниот гасен коридор. Бидејќи проектот овозможува двонасочен проток на гас, тоа значи дека земјата ќе може да добива гас и од северните правци, но и да транзитира гас од Грција кон Србија и Централна Европа.
Исто како и интерконекторот со Грција, и овој гасовод е дизајниран да биде подготвен за транспорт на водород, како дел од идниот „зелен коридор“ во регионот.
-За НОМАГАС, овие проекти ќе овозможат да се позиционира како оператор што ја гради идната енергетска мрежа на земјата. Интерконекторите се долгорочни системски инвестиции. Нивната вредност ќе се мери во тоа колку ја зголемуваат отпорноста на економијата, колку им даваат избор на индустриските потрошувачи, колку го намалуваат ризикот од прекини и колку ја поврзуваат земјата со регионалните и европските енергетски текови – дообјаснуваат од државната компанија.
