Објавен повикот за поевтина струја, ЕСМ добива 7,7 милиони евра
АД ЕСМ ги објави повиците за склучување договори со кои им се нуди поевтина електрична енергија на 200 компании од прехрамбениот сектор, училиштата и јавните водоводни претпријатија и пречистителни станици. Во одлуката која Владата ја донесе претходно се вели дека на ЕСМ ќе му бидат префрлени 216 000 000 денари за прехранбениот сектор, 185 000 000 денaри за комуналните претпријатија што работат со вода и 68.000.000 денари треба да се издвојат за училишта. Електрани треба на посебна наменска сметка од Владата да добие вкупно 7,7 милиони евра.
Овие потрошувачи додека трае кризната состојба до 30 април нема да бидат на слободниот пазар, каде што цената на струјата е многу повисока, туку прехранбените компании ќе плаќаат по 80, додека претпријатијата и училиштѕата по 95 евра од киловатчас.
Компаниите кои произведуваат храна може да учествуваат само ако се занимаваат со живина, преработка и конзервирање на месо, производство на животинско и живинско месо, масла и масти, преработка на млеко и производство на млечни производи, мелнички производи, леб и квасец. Владата, која ја донесе ваквата одлука, очекува намалување на цените на производите на овие компании барем за 10 отсто.
Договорите ќе важат додека трае кризната состојба, односно до 30 април. Доколку учесниците сакаат да добиваат струја од ЕСМ Енергетика уште од 1 декември, ќе мора да ја комплетираат документацијата до 10 ноември. Доколку не, договорот ќе важи најрано од 1 јануари 2023.
ЕСМ предупредува дека компаниите, училиштата и јавните претпријатија со снабдувачите на слободниот пазар треба да имаат тековен договор кој ќе може да се раскине спогодбено, односно да се стави во мирување додека трае снабдувањето со „Енергетика“.
„Склучените договори за снабдување со електрична енергија помеѓу потрошувачите и ЕСМ Продажба ДООЕЛ, Скопје се со траење за временскиот период додека трае кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија, односно до 30.04.2023 година, во кој период потрошувачите ги ставаат во мирување договорите за снабдување со електрична енергија, за кои ЕСМ Продажба не презема никаква одговорност“, се вели во повикот.
„Сепак, нема да дозволиме злоупотреба на Законот за енергетика и на правилата во делот на енергетскиот систем како што прават одредени општини со јавното осветлување со префрлање од слободен на регулиран пазар. Со новата одлука тие не траба да бидат прифатени од ЕВН дистрибуција како такви. Со тоа ќе се ослободи просторот што моментално го покрива ЕСМ, а истото важи и за одредени банки, казина, приватни средни и основни училишта и некои други компании“, посочи претходно министерот за економија Крешник Бектеши.
А.К.
