Објавен огласот за субвенции за вработување на лица од ранливи категории
Во дневните весници и на веб-страницата на Агенцијата за вработување од денеска се објавени огласите за субвенционирање на вработувањето на различни категории граѓани, опфатени со владините програми.
Мерката е наменета за евидентирани невработени лица активни баратели на работа со особен приоритет за долгорочно невработени лица, возрасни лица од 50 до 59 години, за ранливи групи на граѓани и за млади лица до 29 годишна возраст.
За овие категории граѓани државата ќе субвенционира износ од 13.000,00 денари месечно за период од 6 месеци. Работодавачот има обврска лицето да ги задржи на работа најмалку уште 12 месеци (вкупно 18 месеци) или на негово место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на невработени лица на АВРМ, при што приоритет ќе имаат лицата од истата целна група.
За лицата од ранливите групи, потенцираше министерот за труд и социјала Диме Спасов, лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот како што се: жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, бездомни лица, поранешни корисници на дрога, родители на деца на улица, самохрани родители, Роми, жртви на трговија со луѓе, осудено лице по отпуштање од казнено поправна установа, ќе се обезбеди субвенција, односно, финансиска поддршка за вработување во износ од 17.000 денари по лице месечно, од кои 3.000 како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес и 14 000 денари за плата.
„Досега само преку мерката за субвенционирање на вработување изминатите неколку години се вработени над 4800 лица што е доволен показател за успешноста на мерката и можностите кои ги нуди истата. Сакам да ги поттикнам сите невработени лица кои бараат работа но и приватните компании особено домашните, да ги искористат овие можности и да аплицираат на јавните огласи кои се објавуваат денес“, рече Спасов.
Слично
