Објавен огласот за купување јаглен, Антикорупциска вели не може пред избори
АД Електрани го објави меѓународниот повик за набавка на големо количество на јаглен со кое Македонија треба преку зголемувањето на своето домашно производство на електрична енергија да се заштити од бранот на енормното поскапување на цената на струјата на интернационалната берза, односно на либерализираниот пазар.
Од Државната комисија за спречување на корупција синоќа реагираа јавно дека ваков тендер не смее да има за време додека трае изборната кампања пред локалните избори. Во „Антикорупциска“ се категорични дека е недозволиво купување пред избори на нешто што го немало во годишниот план за набавки за годината 2021.
„Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), повторно укажува на обврската за доследно почитување на забраните од Изборниот законик, односно член 8-а, и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интерресите, според кои, од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборниот процес, не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година“, реагираат од ДКСК.
Од таму додаваат дека овој и случајот на Град Скопје за објавениот оглас за купување на Градска куќа ќе бидат разгледани „од аспект на корупција и судир на интереси обезбедувајќи информации и потребна документација, односно дали наведените набавки се предвидени и со Годишните планови за јавни набавки за 2021 година, односно дали нивната реализација е планирана во овој период и дали за истите се предвидени и обезбедени средства“. Се дополнува дека по анализа на документацијата, наодите ќе бидат изнесени во јавноста.
Инаку АД ЕСМ вчера го објави огласот за набавка на јаглен, но количеството не е 1,8 милиони тони, барем засега, колку што најавуваше премиерот Зоран Заев, туку 1,2 милиони тони, иако ова се смета за минимална бројка. Јавниот повик за прибирање на понуди од домашни и странски заинтересирани страани ќе трае до 13 октомври.
Ќе се купат 900.000 тони јаглен за РЕК Битола и 300.000 тони за РЕК Осломеј, а во огласот се напоменува сепак дека количините не се обврзувачки и дека овие бројки се ориентациони, односно минимални.
А.К.
