ОБЈАВЕН БИЗНИС-ПЛАНОТ ЗА 2026: „Алкалоид“ најавува раст на добивката, инвестиците и цената на акцијата
„Алкалоид“ за следната година планира да оствари нето-добивка од 31.580.000 евра и да забележи раст од 7 отсто. Ова е нагласено во бизнис-планот за 2026 усвоен од Управниот одбор и објавен на берзата.
„Планираниот биланс на успех предвидува раст од 8 % на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA). Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7 % во однос на очекуваната за 2025 година“,објави компанијата.
Друштвото предвидува дека следната година продажбите ќе достигнат до ниво од 360,9 милиони евра.
„Бизнис-планот за 2026 година предвидува консолидирани продажби од околу 361 милиони евра, што претставува раст од 7 % во однос на очекуваните за 2025 година“,објавено е во планот на друштвото.
При тоа,8 отсто од консолидираните приходи од продажби ќе се реинвестираат во материјални и во нематеријални средства, а значително повеќе во истражување и развој.
„Бизнис-планот во 2026 година предвидува раст од најмалку 10 % на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќето ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност“, велат од Алкалоид.
Компанијата најавува проширување и поинтензивна посветеност на сегментот животна средина и општествени прашања. Бизнис-планот за 2026 опфаќа и 50 нови вработувања и понатамошен раст на цената на акцијата.
„Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нетодобивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции“,гласи коментарот во делот на дивидендната политика.
Околу 91 процент од консолидираните продажби се очекуваат во секторот фармација, а останатото во хемија, козметика и билкарство. Се очекува 34 % од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 66 % од извоз.
