Обединетата македонска дијаспора за два дена собра 17.000 долари
Обединетата македонска дијаспора за два дена преку социјалните мрежи собра 17.000 американски долари или речиси милион денари за поплавите.
ОМД информира дека денеска собраните средства се испратени директно до Црвениот крст. За поплавените семејства во скопско, донираа 243 поединци од Австрија, Австралија, Белгија, Босна и Херцеговина, Канада, Германија, Унгарија, Израел, Македонија, Црна Гора, Холандија, Србија, Шведска, Швајцарија, Обединетото кралство и Соединетите американски држави.
Ова е дел од кампањата за донирање средства во рамки на акцијата на Црвениот крст.ОМД продолжува со својата кампања преку социјалните мрежи за собирање средства, како и со две манифестации. Едната ќе биде викендов, во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон и следниот викенд во Гарфилд, Њу Џерси. Средствата од овие активности ќе бидат исто така испратени до Црвениот крст.
Членовите и волонтерите на ОМД, кои се во Македонија летово ќе ги посетат погодените подрачја, ќе волонтираат во Црвениот крст, ќе помагаат со доставување на храна, вода и други материјали и ќе учествуваат во акциите за расчистување.
