ОБДУКЦИЈА: Ешерихија коли и бронхитис – причина за смртта на жирафата Орка
Силно воспаление со крвавење во тенките црева и во дванаесетпалачното црево, предизвикано од ешерихија коли, било причина за угинувањето на жирафата Орка, која беше атракција во скопската Зоолошка градина.
Ова е наодот на обдукцијата која ја изведе Факултетот за ветеринарна медицина.Имало наоди и за бронхитис на белите дробови, како и некротични промени во бубрезите и на лимфните јазли кои се одговорни за одбранбениот систем на организмот.
Деканот на Факултетот Дине Митров, ги отфрли сите претходни информации дека три и полгодишната Орка починала поради срцева мана, а рендгенските снимки покажале дека немала ниту скршеници и други физички повреди.
„Станува збор за мнгогу јака воспалителна реакција со хеморагија, односно крвавење, се до фаза на изумирање на клетките кои го покриваат тој дел од гастро-интестиналниот тракт. Нема проблеми со мускулите, коските и со зглобовите, бидејќи во изминативе денови се шпекулираше дека имало повреди на ’рбетот, карлицата или вратот. Тоа е исклучено. Доказ за тоа се голем број рендгенограми“, рече д-р Митров.
Орка починала ненадејно и без симптоми кои би укажале на некаков проблем со нејзиното здравје.Належните во Зоолошката биле немоќни да и помогнат - еднаш успеале да ја реанимираат, но при второто нејзино паѓање исходот бил смртоносен.
Според ветеринарите, нема опасност со ешерихија коли да се заразат трите други жирафи кои неодамна пристигнаа во истото живеалиште.
Раководството на Зоолошката градина во Скопје најавува дека ќе покрене и тужба за нарушен углед против медиумите и здруженијата за заштита на животните кои во изминатиот период нагаѓале други причини за смртта на жирафата.
Орка беше донација во Зоолошката градина во Скопје од приватна фирма, а и трите останати жирафи се подарок од фондација.
Слично
