Обама во Грција: Јужниот сосед „плаче“ од Македонија
Претседателот на Соединетите Американски Држави Барак Обама денеска го започна последното задгранично патување како претседател на земјата со охрабрувачки зборови во Грција за посветеноста на САД кон НАТО, и покрај подготовката на Доналд Трамп да ја преземе функцијата, пишува американското списание Time.
Обама рекол дека раководствата на Демократската и Републиканската партија во САД, исто така ја признаваат важноста на трансатлантската врска.
Без да го споменува поименично новоизбраниот американски претседател Трамп, Обама му соопшти на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос дека силно НАТО е од „најголемо значење“ и ќе обезбеди „значителен континуитет дури и при забележана транзиција во власта во САД“.
Павлопулос му се заблагодари на Обама за американската поддршка во однос на грчкиот народ во време на социјална и економска криза и додал дека е убеден дека Доналд Трамп „ќе продолжи по истиот пат“.
На агендата на Обама на оваа средба се најде и името на Македонија.
За време на средбата со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос му се пожали на Обама и за жешката тема за Грција - името.
„Фактот што соседната земја положува право на името предизвикува иредентизам и менување на границите што ги поткопува европските перспективи на таа земја, му рекол Павлопулос на Обама.
Засега, не е познато што американскиот претседател му возвратил на Павлопулос.
