Обама ја повика Грција да започне со реформи
Американскиот претседател се состана за кратко со грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис во Белата куќа.
Грција треба да преземе реформи за да го стабилизира разнишаниот финансиски систем. Тоа, го изјавил американскиот претседател Барак Обама по кратка средба со грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис во Белата куќа по повод Денот на независноста на Грција.
Шефот на државата на САД додаде дека властите во Атина треба да преземат мерки за поголема наплата на даноците, намалување на бирократијата и создавање работни места.
Изјавата на Обама доаѓа во време на предупредувањата дека Атина е повторно на работ на банкрот. Земјата одбива да го потпише договорот за порамнување на нејзиниот долг, а Меѓународниот монетарен фонд одби нејзино дополнително време за претстојните исплати.
Сето ова предизвикува загриженост дека грчката влада нема да може да ги изврши следните плаќања кон Фондот во мај, кои изнесуваат вкупно околу 1 милијарда долари.
