О Нил: Македонија треба да одбие каков било притисок за името
Британскиот амбасадор и поранешен медијатор во грчко-македонскиот спор, Робин О Нил изјави дека Македонија треба да одбие каков било притисок за промена на името.
Според меѓународното право, таа има право да го користи името што самата го избрала. Значи, ако Македонија го промени името, верувам дека ќе бидат изнесени нови причини зошто таа да не биде примена во Европската унија или во НАТО, вели амбасадорот О Нил во интервјуто за Програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце.
„Ако одредени лица во Македонија сега се залагаат за промена на името, кое име тие сакаат Македонија да го користи? Име избрано од Грција? Секое име диктирано од Грција ќе го уништи идентитетот на македонската нација и народ. Дали тоа го сака било кој Македонец?“- прашува О Нил.
Тој во интервју за Програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце вели дека неговиот совет до Владата на Република Македонија е ист како изминатиот период, а тоа значи дека смета оти сега Македонија треба да се обрати до Обединетите нации за да ѝ се признае уставното име, и веќе да биде надвор од секакво прашање или спор. Смета дека тогаш ќе биде многу тешко за било која членка на Европската унија да тврди дека името треба да се менува.
„Се восхитувам на силата со која Владата на Македонија во последниве години продолжува да вели дека нема да го промени името, туку едноставно ќе го прави она што никогаш нема да го реши проблемот. Грција е среќна да го остави ова прашање неразрешено за навек, при што Македонија ќе биде исклучена од местото што ѝ припаѓа во Европа, затоа што знае дека единственото решение за прашањето со името на крајот ќе биде тоа што светот во целост ќе се согласи дека Македонија е Македонија“ - додава тој.
