НВО: Оваа Влада не е легитимна за да прави попис
Претставници на граѓанското општество остро реагираа на најавата на Никола Груевски за попис на населението по електронски пат.
Од граѓанскиот сектор порачаа дека Владата нема легитимитет и кредибилитет да организира попис, ако претходно не одговори зошто пропадна пописот во 2011 година.
„Сметаме дека оваа најава на Груевски е несериозна и претставува само уште една манипулација и намерно дефокусирање на јавноста и на граѓаните. Уште повеќе, затоа што планираното „техничко – технолошко решение не ги задоволува критериумите за спроведување реален попис на населението според меѓународни стандарди. Исто така, актуелната владина коалиција нема ни легитимитет ни кредибилитет да спроведе попис бидејќи таа сè уште не даде никаков отчет за причините поради кои пропадна пописот во 2011 година и не презеде никаква одговорност за тоа свое големо и сериозно промашување“- се вели во реакцијата на граѓанскиот сектор.
Вакви реакции се појавија во јавноста, откако премиерот Никола Груевски најави дека Владата прави подготовки за попис на населението по електронски пат.
Инаку, последниот обид за попис во Македонија беше направен во 2011 година, кога по низа контраверзии, неколку дена пред предвидениот крај, Владата го прекина пописот со образложение дека бил направен фалсификат.
