Нуредини: Скопските топлани имаат дозвола за користење само на природен гас
Министерството за животна средина и просторно планирање не издало дозвола на топланите за користење на дизел за испорака на топлинска енергија за парно греење на скопјани
Министерот за животна средина Насер Нуредини за Сител потврди дека до сега топланите, управувани од ЕСМ, не побарале, а горивото воопшто не е предвидено во постоечката дозвола, велат за МКД.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.
- Топланите имаат добиено еколошки дозволи од нашето Министертство, но тие се само за користење на гас. Законот е јасен, доколку се бара дозвола за користење на друго гориво, постапката трае 90 дена, но користењето на дизелот не е предвидено во таквата дозвола. Најеколошки е ако се користи гас за топлинска енергија, вели Нуредини за Сител.
Деновиве се трошат последните количини обезбеден гас за топланите, а Министерството за животна средина најавува дека нема да издаде дозвола за користење дизел за испорака на топлинска енергија.
Според министерството, потребно е да се испочитува рокот од 90 дена за дозвола, додека од ЕСМ засега нема одговор дали остануваат на нивниот план за тестирање со дизел.
Според министерството, не постои можност за кратка или поедноставена постапка за значителни промени (постапката трае 90 дена). Во случај на барање за користење на дизел станува збор за гориво што воопшто не е предвидено во постоечката дозвола.