Нуланд: Со брзо решение на кризата ќе се отвори патот кон евроинтеграциите
Нуланд ја отвори актовката со пораки на надеж која ја донесе во земјава.
Таа оствари средби со државниот врв, опозицискиот лидер и лидерот на ДУИ.
Пораката која им ја пренесе на политичките лидер е што побрзо да најдат решение за политичката криза која го попречува патот на земјата кон евроинтеграциските процеси.
По средбата со премиерот Груевски таа изрази задоволство од срдечниот, отворен и конструктивен разговор.
-Политичката криза направи да биде многу тешко за лидерите да се фокусираат на евроатланските цели затоа мора да го надминеме тоа. Сега е време да се стави крај на оваа криза. Нам ни е мило што заедно со ЕУ, амбасадорот Бејли, еврокомесрот Хан се обидуваме да ги собереме партиите заедно околу еден пакет на разбирање кој ќе и овозможи на Македонија да се врати назад на избраниот пат, порача Нуланд.
Нуланд заклучи дека во Македонија има добра клима и волја за разрешување на политичката криза и порача дека колку побрзо се разреши истата толку побрзо луѓето ќе се вратат на својот нормален живот, економскиот развој, понатамошното привлекување на инвеситори, на сите оние работи кои ја прават Македонија силна и просперитетна, додека од утрешната средба на лидерите со Хан очекува надминување на последните нерешени прашања од договорот.
На средбата пак со опозицијата се разговарало за можноста за надминување на политичката криза при што Заев констатирал дека договорот од 2 јуни предвидува решенија за критичните прашања и рекол дека се потребни итни решенија во интерес на нормализација на земјата, доколку се постигне договор за организација на влада што ќе ги спроведе изборите.
– Важно за граѓаните на Република Македонија е враќање на слободата и демократијата и обезбедување и заштита на човековите права. Во таа насока дејствува Социјалдемократскиот сојуз и инсистира на механизми што тоа ќе го овозможат, рекол Заев.
