Нуланд ги почна средбите со лидерите, кои теми се во фокусот?
Викторија Нуланд, помошник државниот секретар на САД за европски и за евроазиски прашања денеска во Скопје ги почна средбите со политичките лидери.
Таа прво ќе се сретне со лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој веќе е во американската амбасада, а по него Нуланд ќе разговара и со првиот човек на ДПА, Мендух Тачи.
Во просториите на СДСМ, лидерот Зоран Заев ќе ја прими Нуланд во 11.15 часот, а потоа таа ќе оди на средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во седиштето на партијата.
Нуланд ќе се сретне и со претставници на граѓанскиот сектор, како и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Во фокусот на разговорите ќе бидат неопходните реформи за обезбедување услови за фер избори. Освен за формирањето на нова Влада за спроведување на изборите, на средбите ќе се зборува и за работата на Специјалното јавно обвинителство, билатералните односи и слично.
Нуланд вчера ги посети Косово и Албанија, а во Приштина и Тирана со тамошните лидери разговараше за актуелните теми и реформи кои треба да се спроведат.
