НУЛА ОТСТО СТАПКА НА ДДВ ЗА ХРАНАТА И ПАРНОТО, ПРЕПОЛОВЕНА АКЦИЗА ЗА БЕНЗИНОТ И ДИЗЕЛОТ - еве што предлагаат пратениците на опозицијата за битка со изгор цените
Данокот на додадена вредност на храната да се намали на нула отсто од сегашните 5 проценти, а истото да важи и за ДДВ на парното, и така да биде се до крајот на оваа година. ДДВ на струјата, пак, и после први јули да продолжи да биде 5 отсто, наместо планираното зголемување на 10 проценти после тој дтум. Кога станува збор за акцизта, таа да се намали за 50 отсто кај бензинот и дизелот, и за 100 отсто кај природниот гас.
Ова се клучните новини кои треба да ги донесат измените на законите за ДДВ и за акцизи кои ги предлага опозициската ВМРО-ДПМНЕ, односно поголема група пратеници од таа партија, а со цел барем малку да се подобри животниот стандард на граѓаните, кој е загрозен од големите поскапувања на енергенсите и на основните прехранбени производи.
Предлозите од ВМРО-ДПММЕ се на одобување пред народните избраници, но не е извесно како за нив ќе гласа мнозинството, со оглед што станува збор за законски решенија со кои сериозно би се намалиле буџетските приходи.
Како што е познато, со сегашниот Закон за ДДВ, општата даночна стапка од 18 отсто се применува врз целокупниот промет и увоз, освен врз оние стоки за кои важи повластената од 5 отсто, а такви се следниве производи и услуги: производи за човечка исхрана, вода, публикации, семенски и саден материјал за производство на земјоделски растенија, ѓубрива, средства за заштита на растенијата, фолии од пластична маса за употреба во земјоделството, земјоделска механизација, лекови, компјутери, термални сончеви системи и компоненти, медицинска опрема, помагала и други уреди, сурово масло, првиот промет на станбени згради и станови, добиточна храна, бебешки производи, училишен прибор, пелети, печки на пелети и котли на пелети, топлинска енергија за греење, електрична енергија за греење, превоз на лица и придружен багаж, софтвер за компјутери, услуги за одржување на јавна чистота и отпремување на отпад, услуги сместување во сите видови на комерцијални угостителски објекти, како и занаетчиските услуги.
Со постоечкото законско решение, од 1 јули 2022 година, ДДВ со повластена даночна стапка од 10 отсто ќе се применува врз прометот и увозот на струја за домаќинствата.
Предлагачите на законските измени, односно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, укажуваат дека инфлацијата во земјава е висока, односно во јануари оваа година таа беше 6,7 отсто, а во февруари се искачи на 7,6 отсто, што значи дека ја надминува годишната стапка на раст на просечната плата, а тоа, пак, значи дека стандардот на граѓаните не расте, туку и опаѓа, и тие секојдневно се соочуваат со поскапени производи и зголемени трошоци на живот.
„Горивата за краток временски период пораснаа за околу 70 отсто, електричната енергија за 30 отсто, топлинската енергија, односно парното за речиси 15 отсто, а основните намирници, како што се масло, леб и млеко во просек се поскапени за 30-тина проценти. Владата сеуште нема предложено мерки за справување со ваквата состојба, особено ако се земат предвид актуелните геополитички случувања, кои ќе влијаат на цената на енергенсите, но и на прехранбените производи, со оглед дека Украина е еден од најголемите производители на пченица. Владата мора да размисли да ги укине или намали даноците и таксите на сите оние производи кои граѓаните ги користат секојдневно, а кои поради високите цени им го нарушуваат стандардот“, навеле пратениците од опозицијата.
Поради овие причини, како што нгласуват, а и поради извесниот натамошен раст на трошоците на живот, тие очекуваат нивните колеги, односно пратениците во Собранието да ги прифатат измените во Законот за данокот на додадена вредност.
„Имено, со предлог измените, наместо 5 отсто повластена даночна стапка за промет и увоз на производи за човечка исхрана, предлагаме таа да биде 0 отсто. Истото бараме да важи и за користењето на топлинска енергија, парно. Цената на гасот, според најавите од Руската федерација, се очекува да достигнат и до 2.000 евра за кубен метар, а треба да се има предвид и дека АД Те-То е во сопственост на компанијата Territorial’naya Generiruyushchaya Kompaniya No2 (ТГК 2, Русија). Со предложеното законско решение, бараме оваа стапка од 0 отсто ДДВ да важи до крајот на оваа година. Дополнително, се предлага даночната стапка од 5 отсто за електричната енергија да продолжи да важи и после први јули, наспроти постоечкото решение со кое се предвидува покачување на ДДВ за електричната енергија на 10 отсто“, нагласиле во образложението пратениците.
Тие потенцираат дека Македонија не смее кризата да ја дочека неподготвена. Велат дека земјите во регионот се снабдуваат, прават залихи, стратегии и подготвуваат конкретни економски чекори како да го заштитат стопанството и стандардот на граѓаните.
Предлагачите на законот признаваат дека тој ќе предизвика фискални последици врз буџетот на државата, но не навеле пресметки колку би изнесувала таа сума.
Бараат законските измени да се донесат по скратена постапка.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат да се измени и Законот за акцизите. Како што е познато, со сегашниот закон, износот на акцизата за моторен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар и дизел горивото се пресметува по формула која има фиксен и варијабилен дел.
Износот на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар е збир од 22 денари по литар плус износ на дополнителна акциза искажана во денари по литар во зависност од берзанската цена на Prem Unl 10 ppm на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)“ од Platt's European Marketscan. Дополнителната акциза може да биде во износ од 3, 2 или 0 денари за литар.
Износот на акцизата за дизел гориво е збир од 15,5 денари по литар плус износ на дополнителна акциза искажана во денари по литар во зависност од берзанската цена на 10 ppm USLD на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)“ од Platt's European Marketscan. Дополнителната акциза може да биде во износ од 3, 2 или 0 денари за литар. Износот на акцизата за течен нафтен гас и метан, пак, изнесува 4,9 денари за килограм.
„Со оглед на постојаното зголемување на цената на енергентите на светските пазари, поради новонастанатата состојба во Украина, сметаме дека со намалување на износот на акцизата на горивото ќе им се помогне на граѓаните, но и на компаниите од транспортниот сектор. Повисоката цена на горивото за транспортните компании значи и повисоки цени на производите кои ги доставуваат до маркетите, поскап превоз на патници во меѓуградскиот превоз и бројни други негативни последици кои ја зголемуваат стапката на инфлација“, објаснуваат пратениците предлагачи.
Велат дека во периодот од 2017 година до денес Владата акцизата ја зголемуваше во неколку наврати.
„Првото зголемување беше на дизел горивото за три денари, а потоа во текот на 2020 година сите видови на гориво беа зголемени за дополнителни три денари. Дополнително, Владата планира да воведе дополнителна еколошка такса за сите видови на гориво во износ од 3,5 денари“, објаснуваат овие народни избраници.
Според нив, ова ја наметнало потребата од измени на Законот за акцизите. И за нив не наведуваат колку ќе го чинат тие државниот буџет, а се бара да се донесат по скратена постапка.
Со предлог законските измени се предвидува намалување на висината на акцизата за 50 отсто на бензинот и дизелот, а кај течниот природен гас за 100 отсто, односно за пет денари.
„Со намалување на акцизата за литар бензин за 11 денари, цената за граѓаните ќе се намали за 13 денари како резултат на дополнителните 18 отсто ДДВ за секој литар. Со намалување на акцизата за литар дизел гориво за 8 денари, цената за граѓаните ќе се намали за 9,5 денари како резултат на дополнителните 18 отсто ДДВ за секој литар“, објаснуваат овие пратеници.
Велат дека доколку се прифатат овие законски измени, ќе се намали финансискиот товар на граѓаните, но и на транспортните и логистички претпријатија.
Нина Нинеска-Фиданоска