НУК предупредува дека Владата им работи зад грб
Независната угостителска комора информира дека Владата формирала Комитет за туризам на 11 мај во кој тие не се поканети. За НУК ова е игнорирање на реалните и вистински угостители и одземање на правото за рамноправно учество во формирањето на ова тело.
Комората, обраќајки се до премиерот Зоран Заев, бара корекции на членот 6 од Одлуката за формирање Комитет на туризам со што, покрај наведените членови и заменици, да се наведат и членови на НУК, Стопанската комора на туризам, како и членови на македонските здруженија Охридски еснаф, Тиквешки угостители, Антигонеа, Клуб еснаф, ЗУТ Крушево, и Прилепски меанџии. Се бара и промена на името на Комитет за туризам и угостителство за со него да се опфати целокупната туристичко-угостителска индустрија.
-Бараме и очекуваме премиерот Заев на следната седница веднаш да ја исправи грешката која одредени претставници на Владата ја направиле со игнорантскиот однос, вели Здравко Јосифовски, претседателот на НУК. Инаку, одлуката за формирање Комитет за туризам Владата ја објави на 17 мај 2021 со напомена дека стапува во сила следниот ден, на 18 мај.
Тој побара и разрешување на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, и избор на нов по предлог на реалниот сектор преку стопанските комори и туристичките асоцијации.
- На молба и барање за поддршка од Здружението на угостителство и туризмот, НУК се приклучи кон барањето за смена на Јаневски и го дополни со иницијатива за промена на името на Агенцијата во Агенција за промоција и поддршка на туризмот и угостителството. Како иницијаторот Здружението за туризам и угостителство при Стопанската комора кое молеше за поддршка за заедничко формирање на овој Комитет и за поддршка за разрешување на директорот на Агенцијата одеднаш се најде заедно со Агенцијата прво на листата на членови во новоформираниот Комитет за туризам?, истакнува Јосифовски.
