НСДП: „Злосторничко здружение“ започна да ги напаѓа судовите
Дека работата ја надмина границата на нормалното говори и фактот што истото тоа „злосторничко здружение“ започна да ги напаѓа судовите, реагираaт од Новата социјалдемократска партија.
Според нив, кај Груевски и тие околу него, не постои морална посветеност кон вистината и правдата, за нив Уставот и законите немаат никакво значење.
„Тие се убедени дека од изборите имаат т.н. демократски легитимитет кој им дозволува се, па и граѓанска војна. Секојдневно повторуваат дека и без демократски вредности, со полнење на избирачките кутии може да се стекне легитимитет и така 10 години со насилство и недемократско поведение се одржуваат на власт. Исплашени од можноста, покрај власта и моќта да ја изгубат и личната слобода, подготвени се да го жртвуваат, велат, и „својот народ“, за да ги избегнат последиците. Ова посебно станува изразено со тоа што се работи за луѓе кои страдаат од наполеонски комплекси и други патолошки особини. Алчни, недоволно образовани и сурови политичари кои до последна капка туѓа крв ќе се борат за нивниот личен интерес и лична слобода. Идентификувајќи се со државата, безкурпулозно манипулираат со граѓаните дека со нивната лична загрозеност загрозена е и државата“ - стои во соопштението од НСДП.
Во сите изминати години на македонската криза, ЕУ и НАТО не и посветија доволно внимание на Македонија, во борбата против недемократскиот режим, сметаат од НСДП.
НСДП оценува дека толку забегана влада не може да се доведе во нормала со договор на преговарачка маса. Таа едноставно мора да се принуди на оставка и да се отвори процес на формирање на влада на национално единство, која ќе подготви фер и демократски избори. Сметаме дека долготрајните, непродуктивни, јалови преговори на четирите водечки партии, во кои се вклучени и претставниците на меѓународната заедница, далеку од очите на јавноста не понудија и нема да понудат решение за излез од политичката и севкупна општествена криза“, се наведува во соопштението на НСДП.
