НСДП: Примерот на Ставрески да го следат и останатите владини министри
Од Нова социјалдемократска партија со коментар на оставката на министерот за финансии Зоран Ставрески, бараат неговиот пример да го следи и останатата министерска фела од владата на Никола Груевски
„И човекот што ја даде колективната дијагноза за владата на Никола Груевски - „Ние сме лудаци...“, конечно си поднесе оставка. И тој повеќе не можеше да го трпи притисокот од својот кумашин и повлече потег кој македонската јавност многу порано го очекуваше“, пишуваат од НСДП.
Од оваа партија бараат примерот на вицепремиерот Ставрески да го следат и останатите членови на како што го нарекуваат „злостроничкото здружение“, кои извршуваат министерски функции, како што се Никола Тодоров, Никола Поповски, Елизабета Канческа Милевска, и веднаш да си поднесат оставки.
„Со политичкото проветрување во извршаната власт, со доаѓањето на нови, некомпромитирани личности од ВМРО-ДПМНЕ и со веќе избраните нови министри од ДУИ, НСДП смета дека единствено во такви околности можно е власта и опозицијата да седнат на преговарачка маса, да го сопрат внатрешното и меѓународно пропаѓање на државата, да направат влада на широка коалиција или национално единство, која ќе ги утврди државните и национални приоритети. Поради регионалните и пошироки меѓународни безбедносни констелации, НСДП смета дака во таков случај, во најкус рок може да се утврди национална стратегија за зачленување во НАТО и за отпочнување на преговори за полноправно членство во ЕУ“, велат од оваа партија.
