НСДП бара преговорите да се организираат во Собранието или во МРТ
Од НСДП велат дека актуелниот формат на преговорите помеѓу четирите политички партии после цела година се покажа дека не доведе до разрешница на политичката криза.
Од партијата бараат дијалогот на продолжи на јавна сцена. За македонската јавност да може реално да ги увиди и согледа ставовите на политичките партии во преговорите, НСДП смета дека по едногодишните неуспешни преговори зад затворени врати, созреани се условите за продолжувањето на дијалогот на отворена, јавна сцена.
„Колку и да се има разбирање за потребата од тајни преговори, бидејќи станува збор и за отворање на прашање од суптилна природа, кои допираат до меѓуетничките односи и криминалната сфера, по истекот на една година сметаме дека своите политички одлуки и ставови учесниците во преговорите треба да ги изложат јавно, на отворена маса. Нема подобар судија од македонската јавност, за тоа кој ги брани националните и државни, а кои партиските и лични интереси. Продолжувањето на дијалогот на јавна сцена може да се организира или во Собранието на РМ или во студио на јавниот радиодифузен сервис-МРТВ“- се вели во соопштението од НСДП.
Од партијата велат дека сите учесници во преговорите не се подеднакво одговорни за агонијата во која се наоѓа државата.
Сметаме, дека отворањето на преговарачкиот процес кон јавноста, ќе доведе до зајакнување на чувството на одговорност на учесниците и брзо решение за излез од ситуацијата, порачува НСДП.
