Економија, финансии, бизнис

Контакт

Новогодишна хорор драма за Брзата помош во Кисела вода!

Новогодишна хорор драма за Брзата помош во Кисела вода!
Вистинска драма се случувала во скопската населба Кисела вода. Новогодишната ноќ и лумпувањето за стотина млади кои изнајмиле куќа на улицата Марко Орешковиќ, веднаш под Центарот за зависности, започнала уште во 19 часот -велат очевидци и жители на населбата. Дваесет минути пред полноќ екипа на Брзата помош која отишла да интервенира на повик била нападната од група хулигани кои дивееле по улиците. Очевидци на настанот кои инсистираат на анонимност велат дека во населбата во приватна изнајмена куќа стотина млади лица славеле Нова година, но наоружани до заби со метални шипки со кои ги нападнале возачот и дежурната лекарка. Здравствениот тим, вели еден од очевидците, се обиделе да побегнат низ споредните улички но цела група се нафрлила врз здравствениот тим и врз возилото на итната помош. “Глетката беше страотна. Насекаде трчаници, викотници, многу млади луѓе кои незнаеја што прават. Го видов возилото на Брзата помош и кога возачот излезе, цела група го опколи. Нешто почнаа да му викаат и почнаа да го маваат. Бев многу вознемирен. Веднаш ја кренав слушалката и се јавив во полиција. Но, разочаран сум што од таму им објаснував подолго време како на распит од каде сум и што сум, зошто се јавувам, отколку што им кажав за инцидентот. Па јас не се јавив од скриен број. Ми рекоа дека има екипа на терен, но таму имало деца што си славеле Нова година. Страотна беше сликата”-вели очевидецот. Директорката на Здравствениот дом Скопје, Татјана Баевска -Вучковиќ вели дека ова е прв пат да биде нападната екипа на Брзата помош и тоа токму за новогодишната ноќ, кога тимовите се трудат од петни жили да им излезат во пресрет на пациентите, и на оние кои ќе побараат помош. Случајот вели е пријавен во полиција, но стравот кој го претрпеле возачот и дежурната лекарка ќе остане врежан во нивната меморија. „Возачот е задржан на Клиниката на трауматологија, повреден е во пределот на главата и има фрактура на подлактицата. Ја следиме неговата состојба и тој е под опсервација на стручен тим“-вели д-р Баевска -Вучковиќ. И покрај инцидентот, пациентот кој ја повикал Брзата помош е третиран од друга лекарска екипа која била веднаш пратена од дежурната диспечерска служба. Новогодишната ноќ сумирана според резулататите од Скопските Клиники поминала релативно мирно. На Клиниката за токсикологија биле примени 28 пациенти од кои 23 труења со алкохол и двајца кои се прејале, најмалку во последните пет години. Најмладиот пијан пациент имал само 14 години. Во Ургентниот центар биле извршени 58 прегледи од кои 18 биле задржани на болничко лекување, 5 пациенти биле повредени во тепачки а двајца завршиле со скршен нос. С.Б.
Слично

Поврзани вести