Економија, финансии, бизнис

Контакт

НОВО НАЈВИСОКО НИВО НА ИНФЛАЦИЈА ВО ЕВРОЗОНАТА: Евростат со детали

НОВО НАЈВИСОКО НИВО НА ИНФЛАЦИЈА ВО ЕВРОЗОНАТА: Евростат со детали

Инфлацијата на потрошувачките цени во еврозоната надмина девет отсто во август и достигна нови рекордни нивоа, во услови на континуирано силно зголемување на цените на енергијата и храната, покажаа најновите проценки на Евростат.
Првата проценка покажува дека растот на потрошувачките цени во 19-те земји кои ја делат заедничката валута, изразен со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), повторно забрза во август на годишна основа и достигна 9,1 отсто, по 8,9 отсто раст во јули.
Така, инфлацијата во еврозоната достигна ново највисоко ниво откако Евростат почна да објавува извештаи во јануари 1996 година.
Споредено со јули, потрошувачките цени во еврозоната се зголемени во просек за 0,5 отсто, покажуваат табелите на Евростат.
Главната причина за континуираното зајакнување на инфлацијата и натаму е скокот на цените на енергенсите, во контекст на шестмесечната војна во Украина и санкциите против Русија поради инвазијата на соседната земја, како и зголемената неизвесност во снабдувањето со Руски гас за Европа.
Цените на енергијата во последниот месец во еврозоната беа на тој начин за 38,3 отсто повисоки во однос на истиот месец минатата година, откако беа повисоки за 39,6 отсто во јули. Тие останаа непроменети на месечно ниво.
Забрзан е растот на цените на храната, алкохолните пијалоци и тутунските производи, на 10,6 отсто од јулските 9,8 отсто. На месечно ниво цената поскапе за еден процент, покажуваат првите проценки на заводот за статистика.
Без нестабилните цени на енергијата и храната, инфлацијата повторно забрза, на 5,5 отсто, од 5,1 отсто во јули.

фото ЕПА/ MAST IRHAM

Слично

Поврзани вести