Новковски: власта ги брка најдобрите, а ги селектира послушните!
“Отворањето на нови државни универзитети во овие услови е целосно неоправдано бидејќи со постојните универзитети се обезбедува и регионална и јазична покриеност. Очигледно дека основањето на универзитетот “Мајка Тереза” е непосредно во функција на изборите. Од една страна се очекува да се постигне ефект врз групи од населението на коишто ќе им се покаже грижа за нив, а од друга страна ќе се обезбеди сместување на свои кадри, коишто во случај на очекуваното губење на изборите ќе бидат обезбедени и заштитетни на повеќе начини”- вели за Фактор, универзитетскиот професор Ненад Новковски. Проблем според него е нерационалната организација со којашто несоодветно се трошат ресурсите коишто вели и онака се ограничени и не се постигнува квалитетот што би се постигнал при оптимална организација.
“Потребата за се поголем број лица со високо образование е неодминлива. Меѓутоа, прашањето е како таа се задоволува на најрационален начин. Постојните институции веќе ги покриваат потребите, а имаат и капацитет за задоволување на нови потреби. Сите потреби можат да се задоволуваат во рамките на постојните универзитети, по потреба со отворање на нови факултети и нови студиски програми” - додава професорот Новковски.
Стартувањето на новиот универзитет “Мајка Тереза” и најавата за нов универзитет “Дамјан Груев” во јавноста ја наметна дилемата дали се отвора нов полигон за образовен натпревар за поголема конкурентност или се работи за предизборна потреба за партиски маркетинг пред гласачите. Власта го правда отворањето на новите универзитети со поголема конкурентност на пазарот на труд, а дел од експертската јавност пак упати критика дека нема стручни анализи кои ќе ја потрепат оправданоста и потребата.
“Новото време бара поголем број лица со високо образование. Ние претходно имавме елитистичко високо образование и само мал дел од секоја генерација завршуваше факултет или виша школа. Брoјот на новодипломирани не е проблем. Анализа не се прави затоа што се знае дека нема потреба од нов универзитет. Улогата на одборот за акредитација и еваулација во високото образование е да провери дали се исполнети условите за функционирање на институциите. Нејасно е како лесно се добиени акредитациите кога знаеме дека институции со голема традиција и изграден кадар тешко доаѓаат до повторни акредитации на веќе постоечки програми. Во голем број на слуачи програми што постоеле со децении и успешно функционирале”- објаснува поранешниот министер за образование и наука, новковски.
Дополнително прашање според него е дали земјава има финансии за одржување на седум државни универзитети. Други пак препознаваат скриени намери за уништување на дел од постојните факултети или мотив да се ослабне и намали дејноста и капацитетите на постојните високообразовни установи. Оваа состојба според стручната јавност дополнително ќе го забрза трендот на иселување на младите кој е на кревки нозе поради нискиот стандар, општествено-политичката состојба и силната партизација.
“Познато е дека корупцијата ги брка кадрите надвор од земјата. Претераното мешање на државата во вработувањата има само негативен ефект, со тоа што ги брка најдобрите, а ги селектира само послушните. Во таа смисла најголемиот дел од активните мерки за вработување се контрапродуктивни, заради тоа што премногу се вмешани државата и валдејачките партии”- потенцира Новковски.
Последниот ревизорски извештај покажа сериозни злоупотреби на буџетските пари во Министерството за образование и наука. Во извештајот на светска банка за јавните трошоци на Македонија и се посочува дека резултатите во образованието се влошуваат и покрај тоа што се зголемува трошењето на средствата. Последната резолуција на Европскиот Парламент за Македонија има многу препораки за образованието, вклучувајќи и дека е потребна сеопфатна анализа на образовниот систем пред носење на нови стратегии или одлуки
“Конкретните неправилности се предмет на соодветни институции и треба специфично да бидат елаборирани. Но постојат и многу систематски дефекти што создаваат поволна клима за такви неправилности. Имено, од пред дванаесет години е сменет системот на буџетско финансирање на дејностите во високото образование и науката на начин којшто овозможува едноставна пренамена од дејностите во администрација што ја става образовната администрација на државно ниво да ги употребува средствата што примарно се наменети за наука, за сметководствено исти ставки со поинаква намена”-објаснува професорот.
Моменталната состојба во образованието вели е многу лоша. Оттука порачува да се направат огромни напори за да се врати системот во состојба на нормално функционирање, ослободено од преоптоварена регулатива, многубројна администрација, лошо менаџирање и ужасно лоша клима за кои како што вели ќе треба долго време да бидат редуцирани и релаксирани.
С.Б.