Економија, финансии, бизнис

Контакт

Новковски: Mакедонско образование-загушена слободна мисла, контролирани вработувања!

Новковски: Mакедонско образование-загушена слободна мисла, контролирани вработувања!

Идните бруцоши деновиве се во трка за околу 25 000 слободни места за упис  на петте државни универзитети. Процентот на средношколци кои ќе го продолжат своето образование се очекува да биде висок и оваа година,судејќи по последните  кога дури 90 отсто од матурантите се запишале на факултет.

Според поранешниот министер за образование Ненад Новковски младите со право се насочени кон високото образование, бидејќи  нивниот работен век треба да навлезе длабоко во втората половина на овој век- кога за сите работни места ќе бидат потребни многу поголеми знаења од оние што се користеле до сега.

Проблемот според него е декларативната заложба на власта за подршка на природните и техничките науки која како што вели е спротивставена на реалниот карактер на власта. Науката, вели Новковски се развива од слободно мислечки личности, а технологијата во услови на слободна иницијатива. Кај нас додава тој,  состојбата е сосема спротивна - слободната мисла е целосно загушена, а бизнисот и вработувањата контролирани до последната пора.

“Во такви, услови, младите слободоумни личности способни да творат се бркаат од државата и со тоа се оневозможува напредокот. Констатацијата дека пазарот на трудот бара работници е во суштина погрешна. Она што го набљудуваме е барање за евтина работна сила, што не е одговор на барањето за просперитетно општество. Придобивките од таквите понудени работни места се во голем број случаи споредливи со трошоците за одење на работа и загубите поради запоставување на домашните обврски. Малку се таквите работни места што се исплатливи, а најголем дел од нив и не се општо достапни туку се строго контролирани” -вели проф. Новковски.

 Едно општество според него може да биде просперитетно само ако се потпира на научнотехнолошкиот развиток заснован на напредокот на фундаменталните науки. Па оттука оценува дека наместо декларативно да ги поддржува фундаменталните науки, државата треба да обезбеди ресурси за подигнување на квалитетот на наставата и  нови истражувања.

“Единствен пат за напредок што ќе и задржи младите да се создаде амбиент за развиток врз основа на високи постигања во науката што водат до пропулзивни дејсности во стопанството, што бараат концентрирани знаења, а коишто понатаму го поттикнуваат развојот на сите стопански гранки и водат до вработувања во сите сектори со зголемена продуктивност и повисоки плати”- нагласува поранешниот министер за образование и наука.

Минатата академска година помина во знакот на организирани протести на студентите и професорите против  новиот Закон за високо образование. Копјата се кршеа околу екстерната  евалуација на знаењата на студентите, построгите   услови за напредување во повисоки звања  и задржување на работното место за професорите како и  нарушувањето на  универзитетската автономија. Според договореното, решенија на заедничка маса допрва  ќе се бараат преку работни групи на Ректоратот, Пленумите и надлежното министерство.

“Реакцијата на студентите против новиот Закон за високо образование беше многу умесна, навремена и ефикасна, како ретко која активноста забележана последниве години. Таа го спречи дејствувањето на голем број изразено штетни решенија во високото образование. Сепак, работата на ново решение за законот за високо е блокирана од вмешувањето на голем број интересни групи од друга страна и тешко дека ќе се дојде до соодветно решение во догледно време”-оценува професорот Новковски.

За студентите  и професорите проблемот во високото образование е  многу сериозен, бидејќи обидите да се либерализира пазарот и да се биде конкурентен придонесоа за дизбаланс на високото образование. Па така  во изминативе неколку години се отворија бројни универзитети и дисперзирани факултети кои не само што не го подобрија квалитетот на високото образование туку го стагнираа неговиот развој. Оттука тие бараат да се согледаат генераторите на кризата во висококото образование, а реформите да се засноваат на прецизни анализи и долгорочна стратегија за тоа  колку и како се финансира високото образование и научната дејност во земјава.

 В.С

Слично

Поврзани вести