Новите вработувања – партиска лотарија или грижа за сиромашните?
СДСМ обвинува дека со огласот за социјалците се вработиле партиските послушници, од ВМРО ДПМНЕ одговараат дека опозиционерите ја лажат јавноста.
Груевски и Ставрески, на најлицемерен начин ја искористија социјалата за да згрижат партиски послушници, изјави денеска Хари Локвенец од СДСМ кој побара објаснување за скандалот со вработувањата во Македонски шуми преку, како што рече- владиното лото шоу.
„Како се случи компјутерот да извлече вработувања за најголем број членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ? Нивни сопружници, роднини или пријатели? Највисоко бодувани како лица без приходи, кои на овој начин добиваат државна работа, а се членови на семејства со плати, ниви, станови и автомобили? Или како меѓу вработените во категоријата самохрани родители, се најдоа бројни примери на лица без деца? Или лица кои не постојат? Затоа ли е недостапен списокот на бодувани и соодветно на тоа вработени во Јавното претпријатие Македонски шуми?“, праша опозиционерот Локвенец.
Посочувајќи повеќе нерегуларности во Кичево, Гевгелија, Делчево и Струмица, од СДСМ побараа одговор за ваквите пропусти.
„Дали зад параванот на душегрижници, ги згриживте своите одработувачи? На каков начин е направено компјутерското бодување? Како се случи меѓу вработените во Македонски шуми да се појават лица – фантоми, кои не постојат?, изјави Локвенец обраќајќи се кон Груевски и Ставрески, кои ги нарече креатори на најголемата беда досега.
Од ВМРО ДПМНЕ пак реагираа, велат СДСМ е партија која што треба да се извини на луѓето кои ги остави без работа, а не да критикуваат зошто тие добиле работа.
„СДСМ во сите свои мандати додека управуваше со државата нема вработено ниту половина од тоа што Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ вработи со еден оглас. Изборот на луѓето беше извршен во отворена и транспарентна постапка, а рангирањето согласно предходно пропишаните критериуми беше направено од компјутерски софтвер без присуство на било каков човечки фактор. Затоа, чиста манипулација се тврдењата на СДСМ дека се вработувале луѓе исклучиво блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Напротив нашите сознанија говорат дека голем број на симпатизери и членови на СДСМ и на други политички партии добиле вработувања“, тои во реакцијата на владејаќката партија.
Слично
