Економија, финансии, бизнис

Контакт

НОВИТЕ ГАЗДИ НА „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“, СЕПАК, НЕ ГО ОДОБРИЈА РАБОТЕЊЕТО НА ДОНЕ ТАНЕВСКИ И ТИМОТ - еве какви одлуки донесе акционерското Собрание

НОВИТЕ ГАЗДИ НА „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“, СЕПАК, НЕ ГО ОДОБРИЈА РАБОТЕЊЕТО НА ДОНЕ ТАНЕВСКИ И ТИМОТ - еве какви одлуки донесе акционерското Собрание

На новите газди на „Македонијатурист“, сепак, не им се допаѓа како компанијата ја водело претходното раководство, односно како работеле претходниот Управен и Надзорен одбор на компанијата.

Имено, иако во предлог одлуките кои беа подготвени за вчерашното Собрание на акционери ан „Македонијатурист“ беше наведено дека ќе се одобри работењето на претходните Управен одбор и Надзорен одбор, вчерашните одлуки на Собранието на акционери се спротивни, односно не се одобрува работењето нити на Управниот одбор предводен од Доне Таневски, ниту на Надзорниолт одбор. 

Тие одлуки на акционерското Собрание се споделни и преку Берзата со инвеститорската јавност во земјава. 

„Согласно Законот за трговски друштва и Статутот на Македонијатурист АД Скопје, Собранието на акционери донесе одлука за неодобрување на извештајот за работата на Надзорниот одбор на Македонијатурист за 2024 година. Имено, не се одобрува извештајот за работата на Надзорниот одбор чиј мандат е завршен во 2024 година, колективно и поединечно на следниве членови: Доне Таневски, Верица Хаџивасилева, Владо Богдановски и Ѓорги Јанчевски. Оваа Одлука стапува во сила со денот на нејзиното донесување“, се вели во објавата од Македонија Турист.

Исто така, Собранието донесе одлука да не се одобри работењето на Управниот одбор за минатата година, и тоа на претседателката на Управниот одбор, Мирјана Таневска Ефремова, Зоранчо Поповски и Илија Тренески. 

А, како што и претходно пишуваше Фактор, предлог одлуките беше да се одобрат извештаите за работењето на претходните Управен и Надзорен одбор на компанијата. 

„Се одобрува Извештајот за работата на Надзорниот одбор и начинот на кој е остварен надзорот врз управувањето со Друштвото кое го врши Управниот одбор во 2024 година, колективно и од аспект на членови Доне Таневски, претседател, Верица Хаџи Василева, член, Владо Богдановски, член и Ѓорѓи Јанчевски, член... Се одобрува Извештајот за работата на Управниот одбор и начинот на кој е остварено управувањето со Македонијатурист во 2024 година, колективно и од аспект на членови и тоа Мирјана Таневска-Ефремова, претседател на Управен одбор, Зоранчо Поповски, член, Илија Тренески, член“, се велеше во предлог одлуките за кои беше наведено дека ќе гласаат новите акционери.

Врз основа на тие предлог одлуки Фактор тогаш констатираше дека штом се тие подготвени од новото раководство, не би требало да се очекуваат посериозни „чкрипења“ во нивното усвојување. При гласањето на акционерите се најавуваше дека ќе се има на увид и обемен документ за работењето на Надзорниот одбор, кој го потпишал лично Доне Таневски, и кој прецизно навел какви се активности лани имал НО, а меѓу другото, да му ги даде на увид сите записници и документи од претходното работење на новиот акционер „Скопски пазар“, кој тоа го барал од старото раководство.

Врз основа на овие намери, ние тогаш заклучуивме дека новите газди на Македонијатурист сакаат да го изведат без „бура“ транзитот на компанијата од стариот естаблишмент кој беше под палката на Доне Таневски, кон новиот. 

А, она на што останаа доследни акционериоте при гласањето беше намерата дека целата добивка остварена лани, на сума од 2,8 милиони евра, ќе се распредели само за инвестиции, односно како распределена добивка, што значи дека нема да се дели дивиденда. 

„Целата добивка ќе оди за нераспределена (реинвестирана добивка), на сума од 171.468.170 денари“, се вели во одлуката која ја изгласале акционерите.

Инаку, ако претходниот период беше бурен за Македонијатурист, сега работите околу сопственичката структура се смирени, интензивното купување на акционерските пакети е минато, а новите газди се веќе етаблирани. За потсетување, како нови газди со над 5 отсто од акциите се искристализираа Скопски Пазар, кој поседува 19,9 отсто од акциите, Промедика која има 11,9 отсто, потоа М.Г Фешн со 11,43 отсто, Симеон Павлов 10,47 отсто, Чеза Комерц со 6,39 отсто.

Од сегашната состојба во однос на акционерската структура во однос на онаа што беше пред еден месец, може да се забележи дека сите акционери имаат купено уште малку акции и ги засилиле благо своите акционерски пакети, но тоа сигурно било на редовниот пазар, бидејќи блок трансакции немаше. 

За годинава се планираат бројни инвестиции со кои ќе се врати стариот сјај на хотелите на компанијата. 

Акционерите донеле и одлука за определување надоместоци на новите членови на НО, и тоа Горан Марковски, претседател, и членовите Горазд Поповски, Сашко Бошков и Олга Павлова. Нивните месечни паушали ќе бидат 73.000 денари за претседателот и по 61.000 денари за членовите.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести