Новите двајца приведени во акцијата „Пуч“ добија 30 дена притвор
Лицата кои вчера беа уапсени денеска добија кривична пријава за сторено дело „Шпионажа“ и „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ и беа изведени пред истражен судија.
Триесет дена притвор им е одреден на 52-годишниот скопјанец Ѓ.Л. и 49-годишниот велешанец З.К. кои беа уапсени во рамки на продолжената истрага за случајот „Пуч“.
Од МВР вчера соопштија дека продолжувајќи ја истрагата за детално расчистување и разоткривање на целата мрежа инволвирана во рамки на Оперативната обработка „Пуч“ идентификувани и приведени се уште две лица кои соработувале со веќе пријавените кои се товарат дека со употреба на незаконски средства на следење и шпиунирање, како и упатување на сериозни закани кон високи државни функционери сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги.
Од првично направените проверки, имотот на двајцата е несразмерно зголемен, односно анализите кои досега се направени покажуваат дека станува збор за стотици илјади евра во готовина, но и во акции кои завршиле кај нив, посочија од МВР.
Надлежните посочуваат дека организациони единици во МВР и понатаму продолжуваат со активностите по однос на издадените Наредби од страна на надлежниот обвинител со цел анализа на податоците и материјалните докази и превземање на други службени дејствија.
