Новиот Закон за основно и средно образование – извор на проблеми!
Екстерното тестирање кое четвртта година се спроведува во основните и средните училишта е посебен феномен познат само за нашиот образовен систем преку кој резултатите од екстерното тестирање на учениците служат како мерило дали еден наставник заслужува да биде наставник или ќе добие отказ доколку две години има отстапки од две оцени –реагираат наставниците и професорите. Контрадикторностите во Новиот закон за основно и средно образование во кои се вметнати и казните и наградите од екстерното, според нив само го подгреваат незадоволството кај наставниот кадар и кај учениците кои директно ги трпат последиците.
“Само, единствено во Република Македонија, е осмислен ваков концепт, заснован врз резултатите од екстерната проверка на учениците.онтрадикторности во Законот за основно образование. Според Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (сл.в.на Р М,бр. 135 од 10.09.2014), член 4, алинеа 17:
„Резултатите од екстерното проверување на постигањето на успехот на учениците од ставот (14) на овој член училиштето ги запишува во свидетелството за завршена година на образование и истите влијаат врз општиот успех на ученикот“.
Со ова, оценката од еден тест (кој го спроведува државата, преку прашања од банката на прашања непроменета со години) влегувајќи во свидетелството влијае врз крајниот успех и може сериозно да му наштети на истиот (што во пракса и се случува). На овој начин, на ученикот му се нанесува голема штета на ученикот во можноста за негово заокружување на образованието или продолжување на истото.
Член 4, алинеа 19:
„На ученикот му се издава свидетелство за завршена година на образование по спроведеното екстерно проверување“.
Во делот на запишување на негативна оценка Недоволен (1) Законот од една страна предвидува дека таа оценка е непреодна, а истиот тој Закон од друга страна предвидува дека и покрај запишаната оценка во свидетелство која влегува во просекот на успехот на ученикот како Недоволен (1) е преодна. Тука сите граѓани се во недоумица: Дали оценката Недоволен (1) е преодна или не?”-реагираат од Наставничкиот пленум.
Резултатите од есктерното тестирање влијаат врз крајните резултати на матурантите, кои пак се услов за запишување на посакуваниот факултет. Оттука за професорите е нејасно кој ќе ја понесе одговорноста за штетата нанесена на ученикот со запишување на оценката од екстерен тест во свидетелството, бидејќи многу често во пракса, оценката го менува крајниот успех на ученикот и влијае врз можноста тој да го продолжи образованието онака како посакувал. Ако целите целите на основното воспитание и образование се стекнување општи и применливи знаења што се потребни во секојдневниот живот или за натамошно образование,хармоничен, интелектуален, емоционален и социјален развој на учениците соодветно на нивните способност, тогаш според просветните работници, нешто во системот навистина не чини.
“Како пример ќе ја посочиме негативната – непреодна оценка Недоволен (1), која на матурантот му нанесува огромна штета ако сака да го продолжи образованието надвор од Република Македонија. Тој не може да се запише на студии без да го заокружи средношколското образование.Само да се задржиме на првите два аспекта на воспитно образовните цели на основното образование- тоа подразбира разбирање на наставниот процес како процес во кој ученикот стекнува знаења за стварноста, се оспособува да живее и да создава во таа стварност, да негува одредени ставови, особини за да стане активен чинител во личниот и општествен живот” -нагласуваат од Наставничкиот пленум.
Дополнителен проблем како што велат се честите законски измени кои создаваат конфузија во следењето и применувањето на законските решенија. Законот за основно образование од 2008г до денес неколку пати претрпува измени.
“Според Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (сл.в.на Р М,бр. 135 од 10.09.2014),
Член 4 „Членот 71 се менува и гласи:
(1) Следењето и проверувањето на напредокот и постигањето на успехот на учениците се врши со интерно и екстерно проверување.
(2) Интерното проверување на постигањето на успехот на учениците го вршат наставниците во училиштето.
(3) Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците од четврто до деветто одделение се реализира на крајот на секоја наставна година.
(13) Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши со тестови кои ги изготвува Државниот испитен центар, на предлог на Бирото.
Тука се поставува прашањето: Зошто наставникот врши континуирани интерни проверки на знаењата на учениците во текот на цела година кога на крај оценката од екстерен тест има иста важност и импликации врз успехот на учениците и вреднување на работата на наставниците?” -забележуваат наставниците и професорите.
Од друга страна, објаснуваат наставниците, по некои предмети во основното образование постојат учебници од различни автори, а наставникот е должен да си “избере” од кој учебник ќе предава, но во прашањата од екстерното се појавуваат прашања и од едниот и од другиот учебник по дадениот предмет. Со тоа учениците, родителите и наставниците се доведени во незавидна позиција, па не знаат од каде да ги бараат одговорите на прашањата извадени од учебникот според кој нивното дете никогаш не учело. Тоа според нив значи дека на наставникот останува да посочува податоци од сите одобрени учебници или учениците да ја совладуваат програмата наоѓајќи ги сите учебници за таа година.
“По многу предмети нема учебник, нема ни препорачана литература, некоја изготвена скрипта. За овие предмети и самите автори на прашањата не се свесни од каде и од која литература ги составиле тие прашања. Истовремено, рецензентите на прашањата – “почитуваните колеги од Високо образование”, немаат посочена литература од БРО или ЦСОО, од каде да ја проверат веродостојноста на прашањата и одговорите. Тие на прашањата мора да дадат амин, и покрај тоа што нивното завршено образование во многу случаи не соодветствува со предметите за кои ги рецензираат прашањата. Ова исто така допринесува да се постави прашањето за легитимитет на резултатите од екстерните тестови”-сметаат од Пленумот.
Ненаучна основа на екстерниот тест
Научната неоснованост на екстерното тестирање во облик и на начин на кој се реализира веќе четири години во Р.Македонија според наставниците и професорите се состои во отсуството на елементите кои треба еден тест да ги содржи за да биде релевантен доказ или за да биде објективно мерило за она што е предмет на мерење. Потоа велат, постои битна разлика помеѓу упатствата од советниците на Биро за развој на образованието во изминатите десет години, а кои се однесуваат на процесот на вреднување и оценување на учениците, во кој се оценуваат нивните знаења, способности, вештини, ставови, залагања, учество во проектни и истражувачки задачи, регионални, државни и меѓународни натпревари,вредносен систем и карактерни особини.
“За некој мерен инструмент може да се каже дека е валиден (адекватен, точен) тогаш кога го мери само она за кое е наменет. Постојат неколку постапки за утврдување на валидноста како метриска карактеристика на инструментите: Интроспективна анализа на задачите т.е.субјективна проценка на нивната валидност.Потоа валидност наменета за истражување на воспитно – образовните појави може да ја проценува и група од повеќе членови со призна стручен и педагошко психолошки авторитет.Следно е испитување на степенот на поврзаност , корелација помеѓу резултатите кои испитаниците го постигнуваат со тие инструменти и училишните олцени од односното градиво.Мора да има и критериум на валидност – степен на поврзаност на новиот инструмент со тие од порано.На крај постои факторска анализа која се заснова на пресметување на корелација. Дискриминативноста е својство на мерниот инструмент да ја регистрира разликата во величината која е предмет на мерење. Истата зависи од бројот на задачите, а кои задачи ќе се користат, а кои ќе се елиминираат се одредува со помош на ајтем анализа. Ајтем анализата е анализа на поединечни задачи во тестот. Релијабилност е оној мерен инструмент ако во две мерења на иста величина, на исти испитаници дава идентични или доста слични резултати.Објективност на мерниот инструмент се подразбира независност на резултатот од мерителот, бидејќи кога поголем број на резултати од мерењето зависат од оценувачите, тоа претставува помалку објективен мерен инструмент”-објаснуваат од Наставничкиот пленум..
Екстеното оценување не е валиден ниту релијабилен инструмент за оценување на успехот на наставниците и затоа не може да го замени секојдневното континуирано оценување на учениците од страна на наставниците. Екстерното оценување, според нив треба да провери во кој степен наставниците ги достигнуваат стандардите за оценување, а потоа добиените резултати да се анализираат што и каде треба да се корегира или пак тие резултати да послужат за подобрување и развивање на интерното оценување.
Коментари за предлог законот за наставници во основните и средните училишта
Коментарите се однесуваат на алинеја 4 и алинеја 5 од Член 27 кои имплицираат одредени нелогичности и го ограничуваат карирениот развој на наставниците.
Член 27 (алинеја 4 и алинеја 5)
Наставник може да напредува во звање наставник – ментор доколку: – најмалку еднаш е на објавениот извештај со резултати од спроведеното екстерно оценување на постигањата на учениците во редот на 20% на наставниците кај кои има најмали отстапувања во добиените показатели и – двапати или повеќе да не е на објавениот извештај со резултати од спроведеното екстерно оценување на постигањата на учениците во редот на 20% на наставниците кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели.
Дополнително објаснуваат дека алинеја 4 и алинеја 5 од Член 27 ги побиваат сите други професионални стандарди предложени од БРО и ЦСО, пропишани од министерот, а кои многу подобро го одразуваат професионалниот однос кон работата на наставниците отколку екстерното оценување. Постојат наставници кои исполнуваат добар дел од професионалните стандарди, па според нив, веднаш е разбирливо дека алинеја 4 и алинеја 5 го деградираат целиот нивен придонес во образованието. На ваков начин, реагираат наставниците - можноста совесните наставници да напредуваат во кариерата се сведува на минимум, а се создава можност за огромен број манипулации за останатите. Екстеното оценување, како начин на оценување, велат не е валиден ниту релијабилен инструмент за оценување на успехот на наставниците бидејќи не ги одразува вистинските можности на наставниците. Затоа според нив е потребно темелно корегирање на алинеја 4 и алинеја 5 или нивно бришење од Членот 27. Истите забелешки велат се однесуваат и на алинеја 4 и алинеја 5 од Членот 28.
“Од аспект на веројатноста: голем процент од наставниците – комисиски оценети (некои само преку 5 ученика со наместени резултати) и оние со само 200 прашања, кои тие самите им ги одговараат на учениците, веќе се идните наставници – ментори, додека оние што предаваат во иста година на пример Алгебра, Линеарна алгебра и аналитичка геометрија, Математичка анализа и Математика (со по 1500 задачи, некои екстра сложени) Дигитални системи и Дигитална електроника и микропроцесори со по 500 прашања (составени од различни неверодостојни интернет страници, без никаков учебник или некоја скрипта) и оценети на 30 – 40 ученици, може само да сонуваат за кариерен развој. Ова е во спротивност со основните принципи со теоријата на веројатноста.Како силен аргумент против алинеја 4 и алинеја 5 е тоа што добар дел од учениците не се воопшто заинтересирани за влијанието на оценката од екстерното оценување врз нивниот краен успех, што значи дека за нив екстерното тестирање е без цел. Тогаш, која е логиката вака добиената оценка да биде показател за успехот на работата на наставникот?” - прашуваат од Наставничкиот пленум.
Никаде, во ниту еден образовен систем во светот, забележуваат професорите, резултатите од екстерното тестирање на учениците не служат како мерило дали еден наставник заслужува да биде наставник или ќе добие отказ доколку има две години отстапки од две оценки. Затоа порачуваат дека интелектуалната и институционална борба за подобри законски решенија допрва почнува со користење на искуствата на научните лица и практичарите.
С.Б.
Слично
