Новиот амбасадор во Атина Дарко Ангелов ќе се фокусира на економијата
Економската дипломатија ќе била во фокусот на новиот македонски амбасадор во Атина Дарко Ангелов, кој денеска, пред заминување во дипломатска мисија, ја изложи својата програма пред македонските пратеници.
„Aкцент ќе ставам на економската дипломатија со оглед на бројните грчки инвестиции, но колку можам да помогнам околу спорот за името е прашање“, истакна Ангелов
Грција е земјата со која Македонија го има најчувствителното отворено прашање - спорот околу името, а политичките контакти меѓу двете земји се минимални.
Тезите за целокупната ситуација и можните натамошни рефлексии и на дводеценискиот проблем со името уредно ги доставил до пратениците, но поради доверливоста на материјалот било одлучено дека не треба да ги знае јавноста.
Според Ангелов Грција мора да разбере дека Македонија не ù е непријател и додаде дека во таа насока ќе се движат и неговите дипломатски активности. Сепак, уште еднаш нагласи дека неговиот простор за маневар во однос на спорот околу името е многу ограничен.
„За жал комуникацијата меѓу двете земји е катастрофално лоша. Изостануваат официјалните средби на високо ниво и покрај нашите иницијативи. Постои комуникација на пониско експертско ниво во различни облсти, екологија, земјоделство, но и тоа не е на задоволително ниво. Каналите за комуникација се ограничени“, вели новиот амбасадор пред пратениците.
„Ангелов ќе ја има улогата на Сизиф. Јас не очекувам никакви илузии, или, пак, романтичен пресврт во односите се' додека Самарас е на чело на соседна Грција, и се додека поголемите земји членки на НАТО и на ЕУ, како што се Германија, Франција и САД не вложат поголем политички и дипломатски капитал за разрешување на проблемите кои што Грција ги создава во регионот, не само со Македонија, туку и со Турција, Албанија, прашањето за Кипар и слични билатерални спорови“, рече претседателот на Комисијата Антонио Милошоски.
Ангелов во Канцеларијата за врски на Македонија во Атина заминува од амбасадорската функција во Унгарија. Пред Комисијата за надворешни работи денеска експозеа дадоа и новите амбасадори во Австрија Василка Попоска-Треневска и во Швајцарската Конфедерација Екрем Ебиби.
Слично
