Новиот амбасадор на САД во Македонија Џес Белји стапи на должност
Новоименуваниот амбасадор на Соединетите Американски Држави Џес Бејли кој доаѓа на местото на досегашниот амбасадор Пол Волерс му ги предаде акредитивните писма на претседателот Иванов и официјално стапи на должност.
Бејли истакна дека Македонија и САД имаат многу заеднички нешта, како што се разновидна популација со различни етнички групи, религии и традиции, кои ги зајакнуваат и ги збогатуваат двете земји, додавајќи дека ние сме партнери и сојузници во секој поглед.
„Со нетрпение очекувам да работам со Вас, со Владата и со народот на Македонија, со цел да продолжи оваа традиција на партнерство. Повеќе од 20 години, минувајќи и низ тешки времиња, работевме заедно и постигнавме многу во реализацијата на заедничките цели, особено за изградба на Европа, обединета, слободна во мир, и со Македонија целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ. Оваа работа се темели на нашата заедничка посветеност кон придржување на демократијата, индивидуалните слободи и владеење на правото. Како што односите меѓу нашите земји растат и се развиваат, така нашите заеднички вредности потврдуваат дека ние и понатаму ќе останеме блиски", истакна во говорот амбасадорот Бејли.
Претседателот Иванов, пак, го нагласи значењето на поддршката и ангажманот од Соединетите Американски Држави како стратегиски партнери во реализација на нашите надворешно политички цели и приоритети - интеграцијата во евроатлантските структури, добрососедските односи и регионалната соработка.
