Новинарските здруженија бараат повлекување на законот за медиуми
Тој побара забелешките со кои може да се подобри предлог законот до крајот на месецов да се достават до Министерството за информатичко општество кое го продолжи рокот за дебата за законот што се подготвува. Претставниците на ЗНМ и на ССНМ пак уште еднаш повторија дека сакаат повлекување на законот и побараа од вицепремиерот да го прати нацртот на анализа во Советот на Европа. Како клучна забелешка наведуваат дека Владата донесува закон без новинарите и во него се вградени само оние одредби од европската легислатива што се однесуваат на ограничување на слободата на медиумите.
„Ако Владата сериозно не ги преиспита решенијата во законот, следната година Македонија во релевантните меѓународни невладини организации ќе биде рангирана во група на земји без слобода на изразување. Владата треба да покаже јасна волја дека сака да ја штити и гарантира слободата на изразувањето, а не да ја ограничува“, истакна претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Вицепремиерот Бесими пак посочи дека консултирани се експерти од Европската комисија и повика на дијалог меѓу двете страни.
„Законот е во фаза на јавна расправа и треба да се искористи можноста сите коментари што може да придонесат за негово подобрување да се дадат во МИОА. Постојниот нацрт е подготвен со вклученост на експерти од Европската комисија, а и коментарите и следниот нацрт ќе бидат во консултација со експерти од ЕУ, со цел да сме посигурни тоа што се прави во законот да е во согласност со европските стандарди и директиви“, одговори Бесими.
Годинашното мото под кое се одбележува овој ден е „Безбедно е да зборуваш: да се обезбеди слободата на изразување во сите медиуми“, а акцентот особено е ставен на прашањето за безбедноста на новинарите, борба против неказнивоста на дела против слободата на изразување и обезбедување слободен и неограничен пристап на интернет.
