Новинарот Арсиќ не го откри изворот кој му дал информации за личните карти
Љубиша Арсиќ, новинарот од неделникот „Фокус“ кој ја објави аферата „Лажни лични карти“, денеска сведочеше пред судскиот совет на скопска единица.
Тој даде свој исказ во процесот против Захир Бекири Чауш на кого му се суди во случајот „Фабрика за афери“. Арсиќ кажа дека за него и за јавноста останале низа неодговорени прашања, а изостанале и низа одговори, за кого и за која цел биле направени десетиците илјади лажни лични карти.
„Во посредна близина на редакцијата ми пријде машко лице кое прв пат го видов тој ден во животот. Ми се приближи е ме праша дали јас сум новинарот Љубиша Арсиќ. Штом му одговорив потврдно, ми даде бел лист хартија со 105 лични карти. Ми рече дека има над 30.000 кои биле употребени на избори, а се правеле на две локации во Скопје. Ми кажа дека немале и метална обвивка, нешто што јас прв пат слушнав дека го има во македонските лични карти. Беше многу нервозен и му се брзаше. Како да се плашаше да не не види некој. Штом ги добив материјалите за случајот ја известив полицијата“ - рече Арсиќ.
Сведочеше и полицаецот Драган Наковски, еден од многуте граѓани чии лични податоци биле злоупотребени. Во истрагата му покажале лична карта со неговите лични податоци, но со друга адреса на живеење и друга фотографија. Вели дека таа лична карта по ништо не се разликувала од оригиналите.
