Новинарите во вторник ќе протестираат во одбрана на Кежаровски
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, заедно со поголема група новинари денес во 11 часот пред зградата на Апелациониот суд одржаа прес конференција на која најавија дека нема да се откажат од борбата да се издејствува правда во случајот за новинарот Томислав Кежаровски за кого судот вчера донесе пресуда со која ја намали претходната казна од 4,5 години на две годишна затворска казна.
Селмани истакна дека во вторник на истото место во 12 часот ќе се одржи и протест пред зградата на Апелациониот суд со цел да се искаже незадоволството по однос на ваквата пресуда бидејќи според новинарската фела единствена пресуда која треба да се донесе во случајот Кежаровски е ослободителна.
Новинарите кои се собраа на денешната прес – конференција носеа транспаренти на кои пишуваше „И јас сум Кежаровски“.
„Оваа одлука е политичка калкулација со која сака да се каже дека државата не греши никогаш, но и дека новинарите не смеат да си ја вршат својата работа. И еден ден затвор за новинар е многу, а не две години“, рече Селмани.
Во вторник ќе бидат познати и натамошните чекори.
Кежаровски во процесот „Ликвидација“ беше обвинет и осуден за издавање на идентитет на заштитен сведок, кој подоцна призна дека под присила бил натеран лажно да сведочи.
Претходно јавноста, медиумите и меѓународни новинарските организации бараа ослободителна пресуда за новинарот Томислав Кежаровски.
Слично
