Новинарите покажаа солидарност – собрани парите што „Фокус“ треба да му ги плати на Мијалков
Здружението на новинари на Македонија е задоволно од одзивот на новинарите на акцијата за солидарност со колегите од весникот „Фокус“ - собрани се речиси сите средства што уредничката на „Фокус“ Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов треба да му ги исплатат на првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков кој ги тужеше за клевета.
Согласно пресудата, Костова и Апостолов на Мијалков заедно со судски трошоци треба да му исплатат 9.000 евра, а на жиро сметката што ја отвори ЗНМ новинарите и останатите граѓани за десет дена го собраа поголемиот дел од потребната сума. Средства продолжуваат да се донираат до понеделник.
„Успехот на акцијата е силна порака дека новинарите нема да се скршат лесно со закани и високи казни затоа што ја имаат подршката од колегите и на јавнста. Денеска се здруживме околу колегите на Фокус, а утре ќе бидеме обединети околу секој новинар на кој ќе му е потребна нашата поддршка“, изјави претседателот на ЗНМ Насер Селмани.
Според него, ова е доказ дека зајакнува солидарноста меѓу новинарите и расте поддршката на новинарите од македонската демкократска јавност.
„Особено сум среќна што поддршката доаѓаше и покрај тоа што мнозинството медиуми не ја објавија веста за казната и апелот“, вели уредничката на „Фокус“ Костова.
Мијалков, и покрај повикот на ЗНМ, не се откажа од надоместот што го побаруваше во тужбата против новинарите заради тврдењата што во весникот „Фокус“ на негова сметка ги изрече поранешниот македонски амбасадор во Чешка Игор Илиевски.
Слично
