НОВИ ВЕТУВАЊА: Новата грчка влада ја доби довербата од парламентот
Новата влада на грчкиот премиер Алексис Ципрас ја доби доверба од парламентот, пренесоа агенциите. Владата беше поддржана од сите 155 пратеници од владејачката коалиција како и од партијата на радикалната левица „СИРИЗА“ и десничарската „Независни Грци“ во 300-члениот парламент.
Во говорот пред пратениците Ципрас ветил дека ќе ја извади Грција од кризата до 2019 година. Тој сака првата проценка на новиот кредитен договор да заврши до крајот на ноември, за да може да започне преговори за отпишување на долгот на земјата пред крајот на годината.
Грција вети дека ќе ја спроведе третата спасувачка програма, која ја договори со Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд во август во вредност од 86 милијарди евра.
„Ние брзо ќе ја преминеме пречката на првата проценка, ќе ги решиме големите прашања на банкарската рекапитализација и долгот, и ќе продолжиме постепено да ја менуваме Грција“, изјавил Ципрас пред гласањето.
Неговата парламентарна група ќе биде подложена на тест во следните недели за време на гласањето за реформи, зголемување на даноците и намалување на пензиите кои Грција треба да ги направи за да добие транша од три милијарди евра и да одблокира 25 милијарди евра за рекапитализацијата на банките.
До 15 октомври прва серија од 48 реформи треба да се претворат во закони, посочуваат агенциите.
Ципрас вети дека ќе најде начин да се олесни социјалната состојба на најсиромашните Грци и да открие алтернативни мерки за некои од непопуларните политики за кои инсистираат доверителите.
Тој изрази уверување дека во почетокот на 2017 година Грција ќе се врати на пазарите на капитал, што е клучен услов за финансирањето на земјата без спасувачки кредити од европските партнери и Меѓународниот монетарен фонд.
Ципрас беше реизбран на 20 септември за четиригодишен мандат, иако ја напушти реториката против штедењето, која му донесе победа на изборите во јануари. Тој сака да договори отпишување на долгот, за да ги убеди Грците, седум години на економски тешкотии, дека постигнал нешто во замена за пресвртот, кој го направи кога ги прифати условите за штедење кои беа отфрлени во јуни, забележуваат агенциите.
