Нови проблеми за Субрата Рој – сите негови фирми под истрага на индиското Министерство за труд!
Фондот за пензиско осигурување (ЕПФО), тело кое функционира во рамките на индиското Министерство за труд и вработување, започна опсежна истрага во сите фирми во сопственост на индискиот бизнисмен Субрата Рој, во момент кога тој уште се наоѓа во затвор.
Нагласувајќи дека ниту еден оддел во сите овие фирми и ниту еден работник нема да остане непроверен, ЕПФО им наложи на своите инспектори да преземат „итна акција“ против сите за кои ќе се утврди дека не ги почитуваат одредбите за пензиско осигурување. Ќе се испитува колку од фирмите кои се дел од групацијата „Сахара“ редовно им уплаќаат придонеси на своите вработени.
„Придонесите за пензиско осигурување што ги уплаќа групацијата Сахара за своите вработени се целосно во согласност со законските одредби и Групацијата уверува дека нема да биде пронајдена никаква нерегуларност или незаконитост“, вели портпаролот на „Сахара“.
Сепак, ова не е првпат групацијата на Субрата Рој да се најде под лупа на ЕПФО. Пет фирми од оваа групација, вклучувајќи ги „Сахара Индија“, „Сахара Индија Фајненшел Корпорејшан“ и „Сахара Ерлајнс“, веќе биле соочени со санкции заради неуплаќање на придонесите за своите вработени.
Б92: Македонците наседнаа, за среќа не и ние
Српски Б92 денеска пишува дека нема никакви информации дали и кога Субрата Рој ќе ги оствари своите бизнис планови во Македонија.
„Не стигна ниту една од 20-те илјади крави, нема вработувања, нема ниту огласи за вработување, а нема ниту каква било информација за тоа кога ќе почне спроведувањето на мега инвестицискиот план тежок 200 милиони евра на индиската компанија Сахара“, пишува Б92.
Медиумот потсетува дека индискиот бизнисмен најави дека оваа година ќе ја посети и Србија за да ги процени можностите за инвестирање во српското стопанство.
„Субрата Рој во моментов се наоѓа во Индија, а уапсен е по налог на Врховниот суд на Индија под обвинение дека го избегнувал судењето за измама тешка 4 милијарди долари. Надлежните од владата на Никола Груевски, го претставуваа Рој како човек кој ќе има пресудна улога на стопанското оживување на подзаостанатата економија на Македонија. За 5 милиони евра, Рој го купи хотелот „Славија“ во Охрид, а најави и изградба на спомен обележје во чест на Мајка Тереза на подарениот плац во центарот на Скопје“, објавува Б92.
Б.А.
Слично
