Нови правила за влез во ЕУ од 1 јули за дел од возачите
Од 1 јули во Европската Унија почнуваат да важат нови правила за дел од возачите и компаниите кои вршат меѓународен патен превоз на стока. Промените се однесуваат на комбиња и лесни комерцијални возила со максимална дозволена маса од 2,5 до 3,5 тони, вклучувајќи ја и приколката.
Овие возила, доколку се користат за меѓународен транспорт или каботажа, ќе мора да имаат вграден паметен тахограф од втора генерација, познат како G2V2.
Паметните тахографи овозможуваат автоматско евидентирање на граничните премини, местата на товарење и истовар, како и активностите на возачот за време на возењето. Со тоа се засилува контролата врз меѓународниот транспорт и примената на правилата за работното време на професионалните возачи.
Досега ваквата обврска главно важеше за возила потешки од 3,5 тони. Со новите европски правила, кои постепено се воведуваат од 2023 година, опфатени се и помалите комерцијални возила кога се користат за прекуграничен превоз на стока.
Од обврската се изземени лесни камиони до 3,5 тони кои се користат за превоз на материјали до и од градилишта, како и за работа на самото градилиште, под услов да се движат во радиус до 100 километри од својата база.
Исклучоците остануваат и за превоз на рачно изработени производи, како и за возила што се користат за некомерцијални цели, доколку управувањето со возилото не е главна работна активност на возачот.
Новите правила ќе важат во земјите од Европската Унија, како и во Швајцарија, Лихтенштајн, Норвешка, Исланд и Велика Британија.
Земјите потписнички на договорот AETR, кој го регулира работното време на возачите во меѓународниот патен сообраќај, не се опфатени со оваа конкретна одредба.
Целта на промените е подобра контрола на транспортот, поголема транспарентност во движењето на возилата и поефикасна примена на правилата за професионалните возачи.
