Нови кривични пријави за тимот на Јанева
Нови кривични пријави се поднесени против тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, поради наводно малтретирање на сведоци.
Покрај двете пријави од минатата недела, денеска неколку физички лица против специјалното обвинителство поднеле нови пет кривични пријави.
Сите се за кривично дело малтретирање при вршење на службена должност.
„Три од поднесените кривични пријави се поднесени против непознат сторител, а две против двајца обвинители и вработени во Специјалното обвинителство за малтретирање во вршење службена должност“ – потврди портпаролката на Обвинителството, Елизабета Недановска за Утрински весник.
Претходно, од специјалното јавно обвинителство ги отфрлија обвинувањата дека дел од нивниот тим малтретирале лица додека ја вршеле нивната служба.
“Ако некој тврди дека му е вршен притисок, тоа треба и да го докаже. Ако има докази за такво нешто, слободно нека ги приложи”- рекоа од специјалното обвинителство.
Во врска со новите пријави пак, специјалната обвинителка Катица Јанева најави прес-конференција.
