Економија, финансии, бизнис

Контакт

НОВИ ГАСОВОДИ: Може ли Македонија да има корист од каспискиот гас?

НОВИ ГАСОВОДИ: Може ли Македонија да има корист од каспискиот гас?

Може ли Македонија да искористи од изградбата на јужните гасни коридори кои треба да испорачуваат природен гас од Азербејџан и од Иран преку Турција и Грција до Европа? Дали новите гасоводи ќе обезбедат стабилност во снабдувањето со енергија на земјава, во доволни количини и без опасности за прекин на испораката, како пониска набавна цена на природниот гас? Одговорот на овие прашања е потврден, но најпрво мора да се заврши домашната работа и да се изгради планираната гасоводната инфраструктура во земјава која потоа ќе се поврзе со новите гасоводи во соседството. Во спротивно, ќе останеме ќорсокак на светската енергетска мапа во кој завршуваат гасните коридори, а нашето стопанство ќе ја загуби секоја шанса за натамошен развој бидејќи ќе биде помалку конкурентно на светскиот пазар.

Диверзификацијата во снабдувањето со природен гас на западноевропските потрошувачи, односно намалувањето на зависноста од рускиот гас, е една од клучните определби на енергетскатастратегија на Европската унија. Геостратешката позиција на Македонија нуди добра можност гасоводите кои ќе црпат „сино гориво“ од изворите во Каспискиот регион да минуваат низ нашата територија, што на државата и на стопанството ќе им донесе огромен бенефит.

Освен сигурната испорака на гас, тоа би резултирало со добри приходи за македонскиот буџет од наплаќање транзитни маржи. Не треба да се занемари и фактот дека конкуренцијата ќе донесе и поевтина цена на гасот за македонските потрошувачи. Имено, сега Македонија на руски „Газпром“ му плаќа една од највисоките цени за гас во Европа, се наведува во извештајот на софискиот Центар за изучување на демократија, кој беше објавен на почетокот на годинава.

ТАНАП во функција

Пред три дена во Турција беше пуштен во употреба првиот дел од Трансандолискиот гасовод (ТАНАП), со кој ќе се испорачува природен гас од полето Шах Дениз 2 во Азарбејџан преку Грузија и Турција до Европа. Првите количини гас потекоа низ цевките кои тргнуваат од каспискиот брег и засега завршуваат во турскиот град Ескишехир, кој се наоѓа стотина километри југоисточно од Истанбул. Во втората фаза, која треба да заврши во 2020 година, овој гасовод ќе стигне до грчката граница, каде ќе се поврзе со Трансјадранскиот гасовод (ТАП) и преку него ќе испорачува гориво за Италија и Европа. Според изјавата на претседателот на проектот за изградба на ТАП, Волтер Пираер, готови се 72 отсто од 765 километри долгиот гасовод кој поминува низ Грција, Албанија, под Јадранското Море и завршува во јужна Италија. Првите количини азербеџански гас низ него треба да потечат во 2020 година. 

Ќе фатиме ли приклучок?

Токму на овој гасовод треба да се поврзе Македонија и тоа е предвидено со Меморандумот за разбирање за изградба на интерконективниот вод за пренос на природен гас Штип- Неа Месемврија, кај Солун, што пред две години го потпишаа државната Македонски енергетски ресурси (МЕР) и грчкиот систем оператор за пренос на гас ДЕСФА во Скопје.

Но, работите на терен се одвиваат побавно од планираното, па се поставува прашањето дали ќе се достигнат поставените рокови за завршување на магистралните гасоводи до 2020 година. Во последниве месеци наместо засилена изградба, засилено се дискутира дали ќе ја уништи животната средина магистралната траса Скопје- Тетово- Гостивар која треба во еден дел да минува по сртот на Водно. Оваа цевка треба понатаму да продолжи кон Кичево, Струга и албанската граница, а еден крак ќе се гради кон Косово.

Досега завршен е само гасоводот од кумановско Клечовце до Штип. Оттаму, еден крак ќе оди кон Радовиш- Валандово- Струмица- Гевгелија, односно до грчката граница, а вториот кон Неготино, од каде поставувањето на гасоводни цевки ќе продолжи до Прилеп и до Битола, каде на гасоводот ќе се поврзе РЕК Битола.

(М.Б.)


Слично

Поврзани вести