Економија, финансии, бизнис

Контакт

Нови детали – Која аудио снимка на Заев e капка која ќе ја прелее чашата?

Нови детали – Која аудио снимка на Заев e капка која ќе ја прелее чашата?

Досега опозицискиот лидер објави низа прислушувани разговори во кои тврди дека се прислуѓувани над 20 000 граѓани меѓу кои се и најблиските соработници на премиерот Никола Груевски, лидерот и министри од Демократската унија за интеграција, лидерот на Демократската партија на Албанците, членови на раководството на СДСМ, новинари, судии, обвинители, верски поглавари.

Тврди дека се правеле изборни измами, фалсификати, злоупотреби на службени функции и што ли уште не.

Вчера ја објави тринаесетата по ред бомба како што се нарекува во јавноста на која можеа да се слушнат серија разговори меѓу кои Заев вели дека се водени помеѓу Премиерот Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески со кои вели дека премиерот Никола Груевски е сопственик на земјишта на Водно, купено по пат на офшор компании од Белизе.

Се изнаслушавме секакви разговори во рамки на проектот „Вистината за Македонија“ кои за владеачката гарнитура се материјали лепени и прилепувани од странски служби.

Како и да е опозицискиот лидер најави НОВИ ДЕТАЛИ.

Денеска во интервју за Дојче Веле тој прашан која е точката од која целиот овој процес ќе почне да се движи во некаква насока на расплет и која аудио снимка според него ќе предизвика некаков подраматичен пресврт тој вели :

“Прво, во меѓународната заедница, сите оние кои и се пријатели на Македонија и кои имаат обврска кон нејзината иднина, треба да ги осознаат сите руини од начинот на кој е уништено владеењето на правото, начинот на кој се направени изборните грабежи и фалсификати. На граѓаните им се интересни финансиските криминали, злоупотребите, богатењето на елитите, а за Груевски и тие околу него се важни еден друг вид на снимки- меѓусебните подметнувања и озборувања, клановски и дворски игри.

Има доволно силни материјали по кои би било логично да паднат оставки. Еве ќе ви кажам: следните два пакети за Ставрески и Јанкуловска се уште посилни докази од пакетот „купуваме чоколада, а немаме за леб“. Се работи за многу незаконски нешта, кои тие ги коментирале меѓу себе и со тоа ги потврдуваат сите неетички и недозволиви работи што се случувале во Македонија. Тој пакет би требало да предизвика одредена реакција кај нив. Би требало. Но, луѓето како да го изгубија образот. Како да имаат ѓон. Но и под стариот ѓон од чевелот некогаш ќе влезе шилото на вистината или шајката. Тоа ќе се случи. Нема бегање од тоа. Суштинското прашање е, дали ќе го преземат тој чекор, кој во секоја нормална држава би го презел еден политичар кога би се објавиле такви докази.“

Конкретно која е таа тема што би била последната капка што ќе ја прелее чашата, не само кај членови на кабинетот на Груевски, туку во перцепцијата на јавноста дека после тоа - повеќе нема за што да се разговара, Заев вели

„Да е малку разумен човек, уште по првата 'бомба' Груевски требаше поднесе оставка. Но тој е човек што се однесува максимално нерационално и опасно по интересите на државата.

Зарем досега објавените материјали не се доволен доказ за криминалното и коруптивно владеење на Груевски и неговата екипа? Но, еве, на вашето прашање ќе одговорам симболично. Ако на пример има 90 теми, пакети за објавување, најголемиот дел од нив се и тоа како податливи за да бидат пресвртен момент. Граѓаните ќе дознаат до каде отишол Груевски во трговијата со името на државата, што случувало со Мартин Нешковски, за финансиските криминали, што се случувало со А1 телевизија и со други случаи како што е „Монструм“, со Никола Младенов... Бидејќи Заев и СДСМ ги поседуваат доказите, ние немаме намера да прогнозираме до кога Груевски ќе може вака да издржува, туку знаме дека неговото време истече. Груевски е минато. Преодна влада мора да има и избори мора да се случат. Тоа е неизбежно.“

За новите вработувања кои ги најавува премиерот опозицискиот лидер смета дека:

„Не може да помине нов клиентелизам во ваков сензитивен период. И граѓаните веќе се изитрија. Каде се вработувањата во 'Македонски шуми' преку лотаријата? Над 95 отсто од нив и по две години се уште чекаат да тргнат на работа. Тоа е јавна тајна. За најавите за нови вработувања сите знаат дека се ветувања на давеник кој сега се фаќа за сламка. Од тој аспект не веруваме дека ќе најде нови луѓе што ќе ги врзе да испорачуваат гласови. Не е ни посебно привлечно да се биде власт по ова цунами. Повторувам, нашата примарна цел е враќање на слободата, демократијата и европските вредности, за да можат потоа граѓаните да ја изразат својата слободна волја на избори. Ние не им се лутиме на оние што морале да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ за да го заштитат парчето леб, бидејќи и не можеле да знаат до каде отишла забеганоста на Груевски и тие околу него. Откако се обелодени вистината, луѓето се охрабруваат, стануваат свесни дека доколку дозволат натамошно опстојување на Груевски, ќе бидат своевидни соучесници во злосторот што тој и го прави на Македонија. Секако, мора да се има трпение. Бегање од извесноста на иднината нема, а тоа е дека оваа гарнитура заминува.“

Прашан дали е точно дека преноќува во седиштето на партијата Заев рече дека е точно.

„Да, точно е. Еден поголем дел од ноќите во неделата ги преспивам во седиштето на партијата.

Има услови да ја поминам ноќта овде. Секако, одам и во Струмица. Јас го водам тој град, мора да носам одлуки. Имам одличен тим таму, но голем дел од неделата го поминувам во седиштето на СДСМ. Овде работам дење и ноќе, овде преспивам.“

Цело интервју на Дојче Веле тука.

Слично

Поврзани вести