НОВИ АПСЕЊА ВО ТУРЦИЈА: Кој сега е на удар?
Полицијата во Турција направи претреси во 44 компании во Истанбул, со налози за апсење на 120 директори во рамки на истрагата за обидот за пуч, објави државната агенција „Анадолија“.
Ниту една од осомничените компании не е именувана. Полицијата почнала да ги пребарува фирмите во истанбулските квартови Ускудар и во Умранизе, вклучувајќи ги и зградите што му припаѓаат на неименуван холдинг, пренесува агенцијата.
Агенцијата наведува дека фирмите се обвинети за финансирање на движењето на имамот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД и е обвинет за организација на обидот за пуч од 15 јули.
Ѓулен ги отфрли обвинувањата.
По неуспешниот пуч, притворени се повеќе од 35.000 лица, од кои 17.000 се официјално уапсени, а десетина илјади се суспендирани во рамки на „чистките“ во војската, полицијата, образовниот и правосудниот сектор.
Ова се толкува како своевиден начин на одмазда кон оние кои сакаа да го урнат од власт турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
