Економија, финансии, бизнис

Контакт

Нови 15 студенти ќе добијат стипендии од енергетските компании во Македонија

Нови 15 студенти ќе добијат стипендии од енергетските компании во Македонија

Петнаесет новозапишани студенти од прва година на електроенергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), десет месеци, ќе добиваат стипендија од по 6000 денари обезбедена од „АД Електрани на Македонија“, „АД МЕПСО“ и „ЕВН“ Македонија.

Претставниците на енергетските компании денеска врачија по пет стипендии за најдобрите студенти од ФЕИТ кои ќе бидат стипендирани до крајот на студиите, доколку ја задржат минималната просечна оценка од  8.0.

Бројот на стипендирани студенти, годинава, е поголем од лани. Исто така, оваа година, студентите покажаа многу повисок просечен успех на положените испити.

„Благодарејќи на нашата иницијатива, залагањето на трите компании од енергетската област и секако, кампањата на Владата за студирање на техничките науки, бројот на запишани студенти на електроенергетските насоки постојано се зголемува“ – рече деканот на ФЕИТ, проф. д-р Миле Станковски.

Генералниот директор на АД „Електрани на Македонија“ Дејан Бошковски, кој во име на „АД ЕЛЕМ“ ги додели стипендиите на избраните студенти и укажа на важноста да се ангажираат квалитетни стручни кадри.

„Студентите од „ФЕИТ“ ги гледаме како наши идни колеги и менаџери, кои во иднина, со своето знаење ќе работат на унапредување на енергетиката, како најважен фактор  и основа за економскиот развој на  државата“,  истакна генералниот директор на „АД ЕЛЕМ“, Дејан Бошковски. 

За претседателот на УО и генерален директор на „АД МЕПСО“, м-р Синиша Спасов, чест и задоволство е да се креира и учествува во активност која станува позитивна општествено-одговорна практика и дава одлични резултати - ги мотивира студентите да постигнуваат подобри резултати во академските циклуси.

Исто така според д-р Игор Гиевски, член на Управниот одбор на ЕВН Македонија, поддршката за едно семејство во деновите на студирање секогаш е добредојдена.

Слично

Поврзани вести