Новата улица на Кеј ќе минува меѓу терасите на кафулињата
Новата улица на Кеј 13 Ноември, ќе биде наменета за автомобили и ќе се гради на старото место каде што имаше улица пред да се поплочи шеталиштето.
Според новиот план автомобилите ќе се движат во просторот меѓу сегашните летни тераси на кафулињата и дрвјата, за улицата да се спои со зградата на Телеком. Овој дел до сега беше пешачка патека.
Опозицијата обвини дека инвеститорот ,,Дивелоп Груп'' имал обврска тука да гради подземна сообраќајница.
,,Се работи за фирма на Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, којшто Груевски го спомнува како бизнисмен под негова контрола, во еден од објавените разговори од проектот Вистината за Македонија. Тогаш предупредивме дека нема никаква економска логика да се гради подземна сообраќајница и дека со тек на време таа ќе стане надземна"- изјави денеска Дамјан Манчевски, координатор на советничката група на СДСМ во Град Скопје.
Градоначалникот на Скопје пак, Коце Трајановски вели дека Градот морал да му даде на инвеститорот дозвола за изградба на улица и убедува дека ќе има режим на движење на улицата.
"Улицата ќе функционира со режим на сообраќај и ќе може да ја користат стопанските субјекти кои функционираат на тој простор, возилата со специјална намена и станарите кои со посебни одобренија ќе може да влегуваат со товарни возила за вселување, иселување и за слични потреби",велат од Град Скопје.
Улицата, според планот, завршува во катна гаража, која треба да се гради зад поранешен "Метропол".

