Новата државна компанија за гас во првата година стартува со 68 милиони евра
Единствената државна компанија за пренос на природен гас АД Номагас, што започна со работа на почетокот на оваа година, во 2023 ќе стартува со буџет од 4,176 милијарди денари, или околу 68 милиони евра.
Поголемиот дел од парите се предвидени од кредити и од грантови од европските финансиски институции, а тоа се околу 43 милиони евра. Останатите пари се докапитализацијата од продадени акции на Владата, што веќе е одобрено од Комисијата за хартии од вредност, приходи од наплата (тарифа) од приватните оператори и пренесени средства од спојувањето на поранешните АД ГА-МА и АД НЕР.
За сопствени потреби АД Номагас ќе потроши 7 милиони евра, додека останатите пари ќе бидат за инвестиции. Друштвото за инвестирање во ЛНГ терминалот во Александрополис во Грција ќе има вкупно околу 10 милиони евра, според објавениот финансиски план за 2023.
Македонија во 2021 се приклучи кон проектот за изградба на терминал за течен природен гас на 17 километри од Александруполи за складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри. Предвидено е да се учествува со 10 проценти од вкупната вредност во овој проект со изградбата и долгорочното закупување на терминалот . Со оваа инвестиција се обезбедува резервирање на капацитети за сигурно снабдување на земјата со гас, без ризици во следните 15 години, како што претходно најави Владата.
Номагас треба да раководи и со изградбата на македонскиот дел од гасоводот што ќе ја поврзува Македонија со Грција. Тендерот за изградбата беше најавуван уште од почетокот на годината, но досега не е распишан. Во моментот се користи само зголемениот капацитет на гасоводот со Бугарија за испорака на гас.
Инаку гасификацијата на земјата претходно се одложуваше две години по ред. Се уште не е склучен договорот на Министерството за економија со операторот од јавно-приватното партнерство, а кој ќе треба да донесе природен гас до домовите и до останатите потрошувачи.
А.К.
