НОВА УСЛОВЕНА ПРЕПОРАКА: Нема влез во ЕУ без фер избори!
Европскиот парламент денеска ја усвои резолуцијата за Македонија, што ја поднесе европратеникот и известувач за Македонија, Иво Вајгл.
Документот што беше усвоен денеска во Стразбур содржи уште една, седма по ред условена препорака до Советот на Европа за почеток на преговори со Македонија за членство во Европската Унија.
Во него се наведува дека Македонија мора да излезе од сегашниот политички ќор-сокак, да одржи фер и демократски избори што е можно побргу, да се врати на патот на спроведување реформи за да се отстранат сите пречки за почеток на преговори за влез во ЕУ.
Европратениците во резолуцијата ги повикуваат политичките лидери целосно да го имплементираат Договорот од Пржино и да ги спроведат итните реформи.
Тие изразиле и загриженост поради широко распространетата корупција, особено во државната и во локалната администрација, за јавните набавки, како и за финансирањето на политичките партии. Тие ја повикаа Владата неселективно да се бори против корупцијата.
