Нова стратегија за развој на енергетскиот сектор во земјава
Македонија до 2035 година во енергетскиот сектор треба да инвестира од 2 до 3 милијарди евра со цел да се намали зависноста на приватниот и правниот сектор од електрична енергија, а поголем дел од него наместо кон струја да се ориентираат кон употреба на гас.
Ова се предвидува во новата студија која ја изработија експертите од енергетската фела во Македонската академија на науките и уметностите кои ја образложија Стратегијата за развој на овој сектор во наредните дваесет години.
„Електричната енергија од сегашните 32% учество во вкупната потрошувачка ќе опадне на 24%, додека природниот гас од 1% учество ќе порасне на 16% во 2035-та“, изјви академик Глигор Каневче, МАНУ.
Во однос на природниот гас, се очекува изградба на инфаструктура која ќе овозможи потрошувачка на сегашната можност за снабдување од 1,200 милијарди кубни метри гас.
Во стратегијата, која ја презентира академик Глигор Каневче, не е предвидена можност за изградба на нуклеарна централа, како што тоа беше планирано во предходната, но се смета на изградбата на долгонајавуваните хидроелектрани: „Бошков Мост“,„Чебрен“ и „Галиште“ „Велес“.
Ново е тоа што се препорачува доградба на агрегати на хидроцентралите „Шпиље“ и „Глабочица“ и изградба на нова термоелектрана на погон на јаглен, со можност за производство на 300 мегаватчаса енергија.
Оваа термоелектрана треба да биде замена за термоелктраната „Битола“ чиј производствен век истекува за неколку години.
Термоцентрала на јаглен со моќност од 300 мегавати ќе се гради по 2031-ва, а се размислува и за увоз на јаглен за постојните. Стратегијата предвидува во следните 20 години цената на струјата, од сегашните 43 да порасне на 90 евра за мегават час, што за експертите е неприфатливо.
„Единствено прашање е дали нивото од 90 евра е некое реално ниво“, вели претседателот нa Македонска енергетска асоцијација, Кочо Анѓушев.
„Од цената на електричната енергија на која се базира стратегијата ќе зависи и натамошното инвестирање во енергетски капацитети и нивната рентабилност. Ако ценовното ниво достигне 90 евра по мегават, како што е планирано, ќе се обезбеди рентабилност на инвестициите, посебно во обновливите извори на енергија, меѓутоа ако таа биде пониска, ќе биде доведена во прашање рентабилноста на инвестициите. посебно ако се имаат предвид напуштањето на повластените тарифи“, рече Анѓушев.
Според работната верзија на стратегијата, се планира земјава да произведува околу 330 мегавати енергија од ветерници и фотоволтни централи, или до 2035 година се планира производство на 1.800 мегавати електрична енергија од различни извори.
Во новата стратегија предвидена е и изградба на хидроцентрали на Вардар и на Црна, како и повеќе фотоволтаици и ветерници кои од 2026-та нема да користат повластени тарифи.
Слично
