Патничкиот железнички сообраќај на брзата пруга меѓу Белград и Будимпешта се очекува да биде воспоставен до крајот на март, а веќе се познати и првите детали за тоа како ќе се одвива пасошката и царинската контрола за време на патувањето.
Според најавите, билет за брзиот воз на релацијата Белград – Будимпешта ќе чини околу 25 евра во еден правец, а процедурата за преминување на границата ќе биде значително побрза отколку досега.
Министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија, Александра Софронијевиќ, објасни дека српската страна ќе ја врши граничната и царинската контрола на железничката станица „Белград центар“ (Прокоп), додека унгарската страна ќе ја врши контролата во Келебија, при што дел од проверките ќе се одвиваат и за време на самото патување со возот.
Патувањето трипати пократко
Со новата организација на контролите и модернизираната железничка инфраструктура, патувањето меѓу двете престолнини ќе биде значително скратено.
Пред седум години, кога патничкиот железнички сообраќај на оваа линија бил прекинат, патувањето траело повеќе од осум часа, додека со новата брза пруга ќе трае околу три часа.
На делницата низ Србија возовите ќе сообраќаат со брзина до 200 километри на час, додека на територијата на Унгарија максималната брзина ќе изнесува 160 километри на час.
16 поласци дневно
Според планот, на линијата Белград – Будимпешта ќе сообраќаат осум пара возови дневно, односно вкупно 16 поласци.
Пет од нив ќе ги опслужуваат српските брзи возови „Соко“, додека три ќе бидат унгарските возови „Таурус“.
Предвидени се и две директни линии без застанување, со кратко техничко задржување во станицата Келебија од околу 21 минута.
Повторното воспоставување на железничкиот сообраќај меѓу Белград и Будимпешта се смета за еден од најзначајните инфраструктурни проекти во регионот, кој треба значително да го подобри патничкиот и економскиот сообраќај меѓу Србија и Унгарија.
Бизпортал.рс